Book of Common Prayer
Одговор на молитви
13 Ова ви го напишав за да знаете дека вие што верувате во името на Божјиот Син имате вечен живот. 14 Заради тоа ние имаме доверба во Бог и знаеме дека кога молиме нешто што е во согласност со Неговата волја, Тој ќе ни го исполни. 15 Знаеме дека кога се молиме Тој не слуша и сигурни сме дека на нашите молитви ќе добиеме одговор.
16 Ако некој од вас гледа дека некој христијанин прави грев што не е за смрт, нека се помоли и Бог ќе му даде живот на оној што згрешил. Ова се однесува на гревови што не се смртоносни. Постои и смртоносен грев и јас не велам дека треба да се молите за оние што го извршиле тој грев. 17 Секоја неправедност е грев, но секој грев не е смртоносен.
18 Знаеме дека ниедно Божјо чедо не продолжува постојано да греши, бидејќи Божјиот Син[a] го чува и Ѓаволот не може да допре до него.
19 Ние, христијаните, знаеме дека потекнуваме од Бог, а световните луѓе се под власта на Ѓаволот. 20 Знаеме и дека Божјиот Син дојде и ни даде разум за да Го препознаеме вистинскиот Бог. Затоа ние сме во единство со вистинскиот Бог и со Неговиот Син, Исус Христос. Тој е вистинскиот Бог, Тој е вечниот живот.
21 Чеда Божји, чувајте се од идоли[b]!
Исус ги повикува првите ученици
(Матеј 4:18-22; Марко 1:16-20) 5 Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро[a], а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака. 2 Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи. 3 Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон[b], и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот.
4 Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“ 5 Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“ 6 Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите. 7 Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа. 8 Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“ 9 Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби. 10 Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“ 11 Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest