Book of Common Prayer
13 Членовите на Народниот совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дека тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус. 14 Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат. 15 Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието[a], а тие почнаа да се советуваат: 16 „Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме. 17 Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“
18 Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.
19 Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? 20 Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“
21 Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: 22 беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!
Молитва за смелост наспроти прогонствата
23 Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. 24 Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! 25 Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови:
,Зошто беснеат паганските народи,
луѓето коваат залудни завери?
26 Цареви по Земјата се креваат
и владетели се здружуваат,
против Господ и против Неговиот Помазаник[b].‘
27 Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. 28 Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. 29 Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! 30 Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“
31 Штом се помолија, местото на кое беа собрани се затресе и сите се исполнија со Светиот Дух, па со смелост продолжија да ја проповедаат Божјата порака.
Тага, па радост
16 „Уште малку, па веќе нема да Ме гледате, но по извесно време пак ќе Ме видите.“
17 Тогаш некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што значи ова што ни го вели: ,Уште малку, па веќе нема да Ме гледате, а по извесно време пак ќе Ме видите?‘ и: ‚зашто заминувам кај Таткото‘!?“ 18 Тие продолжуваа да прашуваат: „Што значи тоа ‚уште малку‘ за кое Тој зборува!? Не разбираме за што зборува!“
19 Исус сфати дека тие сакаат да Го прашаат, па им рече: „Реков: ‚Уште малку, па нема да Ме гледате, но по извесно време пак ќе ме видите.‘ За ова ли се расправате меѓу себе? 20 Со сигурност можам да ви кажам дека вие ќе плачете и ќе тагувате, а светот ќе се радува. Вие ќе тагувате, но подоцна вашата тага ќе се претвори во радост. 21 Кога жената раѓа, таа има болки, зашто дошло времето на болките. Но, кога ќе се роди детето, таа заборава на маките, и се радува што родила човек на овој свет. 22 Така и вие сега сте полни со тага. Но повторно ќе се видиме и ќе се израдувате; таа радост не ќе може никој да ви ја одземе! 23 Во тој ден, за ништо повеќе нема да Ме прашувате. Ве уверувам дека Мојот небесен Татко ќе ви даде се што ќе посакате во Мое име. 24 Досега не сте побарале ништо во Мое име. Барајте и ќе добиете, за да бидете наполно среќни.“
Победа над светот
25 „Се користев со споредби за да ви го објаснам тоа што сакав да ви го кажам. Доаѓа време кога нема повеќе да се служам со споредби, туку отворено ќе ви кажувам за небесниот Татко. 26 Во тој ден ќе барате во Мое име и не ќе има потреба Јас да Го молам Таткото за вас, 27 зашто, Таткото и Самиот ве сака, бидејќи вие Мене Ме засакавте и поверувавте дека Јас дојдов од Бога. 28 Јас дојдов од Таткото и влегов во светот. Сега заминувам од светот и се враќам кај Таткото.“
29 Неговите ученици рекоа: „Ете, сега ни зборуваш отворено и не се служиш со споредби. 30 Сега знаеме дека Ти разбираш се и нема потреба да Те прашуваме. Поради тоа, ние веруваме дека Ти си дојден од Бог.“
31 Исус им одговори: „Велите дека сега верувате? 32 Еве, доаѓа часот, и веќе е дојден, кога ќе се разбегате, секој на своја страна, а Мене ќе Ме оставите Сам. Сепак, Јас нема да бидам сам, зашто Таткото ќе биде со Мене.
33 Овие работи ви ги кажав, за да имате мир преку единство со Мене. Додека сте во светот, ќе доживувате страдања, но разведрете се - Јас го поразив светот!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest