Book of Common Prayer
Петар исцелува сакат питач
3 Еден ден, Петар и Јован се упатија кон храмот. Беше три часот попладне - време за молитва. 2 Токму тогаш донесоа еден човек, сакат во нозете од раѓање, што секојдневно го носеа и го оставаа пред познатата ‚Красна порта‘, за да проси милостина од луѓето што доаѓаа во храмот. 3 Кога виде дека Петар и Јован ќе влегуваат во храмот, запроси да му дадат нешто. 4 Петар и Јован го погледнаа и му рекоа: „Погледни не!“ 5 Сакатиот молежливо ги гледаше, очекувајќи милостина.
6 Тогаш Петар му рече: „Немам ни сребреници, ни златници, но тоа што го имам, ти го давам: Во името на Исус Христос од Назарет, стани и ќе проодиш!“
7 Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите! 8 Скокна, застана на своите нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи Го Бога.
9 Целиот народ го виде како оди и Го слави Бога. 10 Тие знаеја дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи.
Исус е Лозата, ние сме прачките
15 Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза[a], а Мојот небесен Татко е Лозарот. 2 Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти[b], за да дава уште повеќе род. 3 Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. 4 Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата[c], така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене.
5 Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете[d] ништо. 6 Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. 7 Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. 8 Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици[e], тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко.
9 Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. 10 Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. 11 Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest