Book of Common Prayer
36 Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија[a]!“
37 Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“
38 Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. 39 Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите[b], и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“
40 Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“
41 Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. 42 Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера[c] и на молитви.
Првите христијански заедници
43 Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. 44 Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. 45 Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. 46 Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. 47 Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.
Ветување за Светиот Дух
15 Ако имате љубов спрема Мене, ќе го правите она што ви го заповедам. 16 А Јас ќе побарам од небесниот Татко и Тој ќе ви даде друг Помошник[a], Кој ќе остане со вас засекогаш. 17 Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас. 18 Нема да ве оставам сираци - Јас ќе се вратам кај вас! 19 Уште малку и светот повеќе нема да Ме гледа, но вие ќе Ме гледате; и бидејќи Јас живеам - ќе живеете[b] и вие. 20 Кога ќе дојде тој ден, ќе сфатите дека Јас сум едно со Мојот Татко, вие сте едно со Мене и Јас сум едно со вас. 21 Тој што ги прифаќа Моите заповеди и ги исполнува - покажува дека Ме сака. А секој што Ме сака, ќе биде сакан и од Мојот Татко и од Мене и Јас ќе му се објавам.“
22 „Господе“, - Му рече Јуда (не Јуда Искариот, туку другиот) - „Како можеш да ни се објавиш нам, а не и на светот?“
23 Исус му одговори: „Ако некој Ме сака, ќе му се покорува на Моето учење. Тогаш Мојот Татко ќе го засака и Ние ќе дојдеме кај тој човек и во него ќе живееме. 24 А тој што не Ме сака, нема да му се покорува на Моето учење. Зборовите што ги слушате не се Мои, туку на Оној што Ме испрати, а тоа е небесниот Татко.
25 Ова ви го кажав уште додека сум кај вас. 26 Но небесниот Татко, наместо Мене, ќе ви Го испрати Светиот Дух да ви биде Помошник[c]. Тој ќе ве научи на се и ќе ве потсети на се што Јас ви кажував. 27 Ви давам мир - Мојот сопствен мир ви го давам. Мирот што Јас ви го давам не е како мирот што го дава светот. Затоа, не вознемирувајте се и не плашете се!
28 Слушнавте кога ви реков: ,Заминувам, но пак ќе се вратам кај вас‘. Ако навистина Ме сакате, ќе се радувате што заминувам кај Таткото, бидејќи Таткото е поголем од Мене. 29 Однапред ви го кажав ова, па кога ќе се случи, да имате вера во Мене. 30 Нема уште долго да разговарам со вас, зашто кнезот[d] на овој свет доаѓа. Тој нема власт над Мене, 31 но, светот мора да сфати дека го сакам Таткото и затоа дејствувам онака како што Ми заповеда Таткото. Ајде, станете да си одиме одовде.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest