Book of Common Prayer
19 Така ќе знаеме дека сме на страната на вистината, и ќе ја имаме неопходната увереност кога ќе застанеме пред Бог. 20 Па и кога нашата совест не обвинува, да не забораваме дека Бог е над нашата совест и дека Тој знае се.
21 Драги мои, кога имаме чиста совест можеме да пристапиме пред Бог со увереност. 22 Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја. 23 А Божјата заповед е да веруваме во Неговиот Син Исус Христос и да се сакаме еден со друг. Така ни заповеда и Исус. 24 Оние што се придржуваат до Божјите заповеди живеат во нераскинливо заедништво со Бог и Тој трајно живее во нив. Како знаеме дека Бог живее во нас? Доказ за тоа е Светиот Дух што ни го даде Христос.
Вистинскиот и лажниот дух
4 Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци. 2 Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога. 3 Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот.
4 Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе. 5 Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша. 6 Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, не слушаат, а тие што не се на Божја страна, не не слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата.
Почеток на Христовата служба
(Матеј 4:12-17; Марко 1:14-15) 14 Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај. 15 Тој поучуваше по синагогите[a] и сите Го фалеа.
16 Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо. 17 Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано[b] следново:
18 „Врз Мене почива Духот на Господ,
зашто Тој Ме назначи[c] да им ја донесам
Радосната вест на бедните,
19 да им навестам ослободување на заробените,
да им го вратам видот на слепите,
да ги ослободам угнетените,
да го прогласам времето на Господовата благонаклоност.“
20 Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него, 21 па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“
22 Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“ 23 Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум. 24 Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење.
25 Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја, 26 сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат[d], во Сидонската земја. 27 Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“
28 Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија; 29 па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна. 30 Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest