Book of Common Prayer
Петар проповеда во храмот
11 Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи.
12 Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!? 13 Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи. 14 Се откажавте од Светиот и Праведниот, а побаравте да биде пуштен на слобода еден убиец! 15 Зачетникот на животот Го убивте! Но Бог Го воскресна од мртвите - ние сме живи сведоци за тоа. 16 Овој човек, кого вие добро го познавате, се исцели врз основа на верата во Неговото име. Верата во Исусовото име го оздраве пред вашите очи.
17 Браќа, знам дека вие и вашите водачи го направивте тоа од незнаење, 18 но Бог на тој начин го исполни она што го беше претскажал преку сите пророци: дека Месијата[a] испратен од Него ќе мора да помине низ овие страдања. 19 Затоа покајте се и свртете се кон Бога, за да ви бидат избришани гревовите. 20 Тогаш, присуството на Господ во вашите животи ќе ви донесе освежување и Бог ќе ви Го испрати Месијата Исус, Кој од порано ви беше претскажан. 21 Исус треба да остане на небото, се додека не дојде време Бог да обнови се, како што ни вети уште одамна преку Своите свети пророци. 22 Уште Мојсеј беше претскажал: ,Господ, вашиот Бог, ќе ви издигне од вашиот народ Пророк, како што сум јас. Се што ќе ви каже Тој - слушајте Го![b] 23 Секој што нема да Го послуша Тој Пророк, ќе биде истребен од Божјиот народ[c].‘
24 А и сите пророци, од Самоил и неговите наследници, па наваму, зборуваа токму за ова време. 25 Вие сте потомци на пророците, вие сте тие за кои Бог на вашите предци им даде завет, ветувајќи му на Авраам: ,Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата[d].‘ 26 Штом Бог Го издигна Својот Слуга, Го испрати прво кај нас, за да ве благослови со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите грешни патишта.“
12 Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. 13 Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. 14 Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. 15 Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. 16 Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. 17 Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“
18 „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. 19 Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. 20 Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ‚Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. 21 Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. 23 Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. 24 Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. 25 Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо[a]: ,Без причина Ме замразија‘.
26 Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. 27 А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest