Book of Common Prayer
13 Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро, односно Божјиот Закон? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја добрата заповед. Но истовремено, преку таа заповед, се покажа дека гревот е страшна и грозна работа.
Внатрешната борба со гревот
14 Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот. 15 Сам себеси не можам да се разберам. Не го правам тоа што го сакам, туку она што го мразам. 16 Со самото тоа што ме гризе совеста кога правам грев, јас се согласувам со Божјиот Закон и потврдувам дека тој е добар, 17 но, не успевам да се противставам, бидејќи гревот е во мене и ме тера да грешам.
18 Свесен сум дека во мене, односно во моето тело, нема сили за ништо добро. Желба за добро има во мене, но не и сила да го извршам. 19 Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно. 20 Но штом не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што го прави тоа, туку гревот што живее во мене.
21 Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да постапам добро, ми се наметнува грешното и тоа го правам. 22 Длабоко во себе јас му се восхитувам на Божјиот Закон, 23 но во моето тело гледам еден друг закон, кој војува против Законот во мојот ум. Тој закон успева да ја добие битката и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело. 24 Сфатив дека сум наполно беспомошен! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!? 25 Одговорот е: тоа ќе го стори Исус Христос, нашиот Господ. Неизмерно сум Му благодарен на Бог за тоа! Така, од една страна, со својот ум сакам да живеам според Божјиот Закон, а од друга страна, со мојата грешна природа, му робувам на законот на гревот.
Исус оди по езерото
(Матеј 14:22-33; Марко 6:45-52) 16 На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото. 17 Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив. 18 Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува. 19 Кога извеслаа околу четири до пет километри[a], тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија. 20 А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“ 21 Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле!
Луѓето Го бараат Исус
22 Следниот ден, многубројниот народ што остана од другата страна на езерото, забележа дека таму имаше само едно бротче, а знаеја дека Исус не влезе во него со учениците, туку тие заминаа без Него. 23 Потоа пристигнаа од Тиберија и други бротчиња и пристанаа близу до местото каде што беа јале од лебот, што Господ го благослови. 24 Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат.
Исус е животодавен Леб
25 Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“
26 Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! 27 Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest