Book of Common Prayer
Адам и гревот наспроти Христос и спасението
12 Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија. 13 Луѓето беа грешни и кога немаше Закон. Иако во отсуство на Закон ние не го признаваме гревот, 14 сепак, сите што живееја од Адам до Мојсеј, кога беше даден Божјиот Закон, не ја одбегнаа смртта. Сите умреа, иако не направија грев каков што направи Адам: не прекршија јасно изречена Божја заповед.
15 Но со подарокот не е исто како со престапот. Додека престапот на еден човек им донесе смрт на многумина, љубовта на еден друг човек, на Исус Христос, им носи изобилно простување на мнозина, како подарок кој произлегува од Божјата благонаклоност. 16 Ни резултатот од Божјиот подарок не е ист со последиците од Адамовиот грев. Од гревот на тој еден човек произлезе осуда за сите, додека од Божјиот подарок добиваме оправдание, иако сме виновни за многубројни престапи[a]. 17 Ако смртта завладеа преку престапот на само еден човек, колку повеќе оние што ја примиле Божјата изобилна благонаклоност и подарената праведност ќе завладеат со животот во полна сила, повторно по заслуга на еден единствен човек, Исус Христос.
18 Значи, како што еден престап доведе до осуда на сите луѓе, така преку едно праведно дело дојде до оправдување што им носи живот на сите луѓе. 19 Како што преку непослушноста на еден човек многумина станаа грешници, така преку послушноста на еден човек многумина ќе станат праведници.
20 Божјиот Закон беше даден за да видат луѓето колку нараснал гревот. Но иако гревот многу нарасна, Божјата милостива благонаклоност се покажа поголема. 21 Како што гревот владееше над сите луѓе и ги водеше во смрт, така сега владее Божјата чудесна благонаклоност, која ни подари праведност преку нашиот Господ, Исус Христос, и затоа ние ќе добиеме вечен живот.
Кој е и што е Исус?
21 Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“
22 Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“
23 Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!
25 „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот[a]? 26 Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“
27 Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко. 28 Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете[b] Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото. 29 Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“ 30 Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него.
Вистина што ослободува
31 Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење. 32 Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest