Book of Common Prayer
12 Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти! 13 Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок[a] од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог. 14 Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот.
Од робови на гревот до робови на праведноста
15 Што значи тоа? Смееме ли ние да продолжиме да грешиме, заради тоа што Божјата благонаклоност не ослободи од потчинетоста под Законот? Никако! 16 Зар не знаете дека на оној на кого ќе му се понудите да му се потчините и да му робувате, негови робови и ќе станете? Можете да му робувате на гревот, а тоа води во смрт, или да Му бидете послушни на Бог и да се здобиете со праведност. 17 Благодарение на Бог, вие што му бевте робови на гревот, од се срце го прифативте новото учење што Бог ви го даде, и му станавте послушни. 18 Сега, ослободени од вашиот поранешен господар, гревот, вие и станавте робови на праведноста.
19 Ви зборувам вака преку примери со робови и господари, бидејќи вие се уште имате слабост спрема своите тела. Вие порано ги предававте вашите тела да им робуваат на гнасотии и разврат. Сега предајте и се целосно и станете и робови на праведноста, за да станете свети.
20 Кога му бевте робови на гревот, вие не водевте сметка дали тоа што го правите е праведно. 21 Каков беше исходот од тоа што го правевте? Сега се срамите од тие постапки, кои ве водеа во сигурна смрт! 22 Но откако бевте ослободени од власта на гревот и Му станавте робови на Бог, вашите постапки сега ве водат кон свето живеење, а крајниот исход за вас ќе биде добивање на вечен живот. 23 Зашто платата што ја дава гревот е смрт, а подарокот што го дава Бог преку вера во нашиот Господ Исус Христос е вечен живот.
47 Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“
Вечното потекло на Исус
48 Еврејските верски водачи Му рекоа на Исуса: „Зар не сме во право кога велиме дека Ти си Самарјанец[a] и дека си обземен од демон!?“
49 Исус им одговори: „Јас немам демон во Себе, зашто Го почитувам Мојот небесен Татко, а вие Ме срамотите. 50 Иако, Јас не барам слава за Себе, Бог бара да Ме почитувате и Тој ќе суди за тоа. 51 Ве уверувам дека тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!“
52 Еврејските верски водачи Му рекоа: „Сега сме уверени дека си обземен од демон! Авраам умре и пророците умреа, а Ти велиш: ,Тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!‘ 53 Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој сепак умре!? А и пророците умреа. Што се замислуваш Ти!?“
54 Исус им одговори: „Ако Јас самиот си придавам чест, Мојата слава е ништожна. Мојот Татко е Тој што Ме прославува - Оној, за Кого вие велите дека е ваш Бог, 55 а никогаш не сте Го познавале. Јас, пак, Го знам. Кога би рекол дека не Го знам, би бил лажливец како вас. Но Јас Го знам и го извршувам тоа што Тој ќе го каже. 56 Вашиот прататко Авраам се радуваше во очекувањето да го види денот на Моето доаѓање; тој го виде и беше пресреќен.“
57 „Како си можел да го видиш Авраам[b], кога немаш ни педесет години!?“ - Му рекоа еврејските верски водачи.
58 Исус им одговори: „Ве уверувам дека уште пред да се роди Авраам, ЈАС СУМ[c]!“ 59 Тогаш тие зедоа камења за да фрлаат по Него, но Исус се скри и го напушти храмот.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest