Book of Common Prayer
За свето живеење и за крштавањето
6 Што да кажеме на ова? Треба ли да продолжиме да грешиме, за Бог да стане уште поблагонаклонет спрема нас? 2 Никако! Ние сме веќе мртви за гревот. Како би можеле тогаш да продолжиме да живееме во грев? 3 Зар не знаете дека сите што се крстивме, идентификувајќи се така со Исус Христос, преку крштавањето „умревме“ заедно со Него? 4 Кога се крстивме, ние „умревме“ и бевме „погребани“ заедно со Исус. Па како што Христос потоа воскресна од мртвите со помош на величествената сила на небесниот Татко, така и ние, по крштавањето да зачекориме во еден нов живот.
5 Ако на ваков начин се придруживме во Христовата смрт, ќе воскреснеме и ние како што воскресна Тој. 6 Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот. 7 Гревот не може да владее со мртов човек!
8 Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме. 9 Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ. 10 Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог. 11 Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, да живеете за слава на Бог.
33 Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“
34 Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот. 35 А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството. 36 Ако Синот ве ослободи, ќе бидете навистина слободни! 37 Знам дека сте потомци на Авраам, но сакате да Ме убиете, затоа што не сакате да го прифатите Моето учење. 38 Јас го кажувам она што сум го видел кај Таткото. Вие постапувате онака како што ве научил вашиот татко!“
39 „Нашиот татко е Авраам!“ - Му одговорија тие. Исус им рече: „Да бевте Авраамови деца[a], ќе постапувавте онака како што постапуваше Авраам. 40 Но вие сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот што ви ја зборува вистината што ја чул од Бога. Авраам не правеше така! 41 Вие го правите она што го прави и вашиот татко!“ „Ние не сме вонбрачни деца!“ - Му одговорија тие - „Еден Татко имаме, а тоа е Бог!“
42 Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, вие ќе Ме сакавте, зашто Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов само по Своја одлука, туку Тој Ме испрати. 43 Зошто не разбирате што ви зборувам? - Затоа што не можете да ја поднесете Мојата порака! 44 Вашиот татко е Ѓаволот, и вие со задоволство ги извршувате неговите желби. Тој беше човекоубиец од почетокот и никогаш не бил на страната на вистината, зашто во него нема вистина. Кога лаже, тоа произлегува од неговиот карактер, зашто тој е лажго и татко на лагата. 45 А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината. 46 Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате? 47 Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest