M’Cheyne Bible Reading Plan
ИСУС ПОУЧУВА ПРЕКУ СПОРЕДБИ
1) Споредба со сејачот, почвата и семето
(Мт. 13:1-9; Лк. 8:4-8) 4 Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот. 2 За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака:
3 „Слушајте го ова:
Еден сејач излезе да сее на својата нива. 4 Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. 5 Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка. 6 Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот.
7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род.
8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“
9 Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Мт. 13:10-17; Лк. 8:9-10) 10 Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби. 11 Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби, 12 бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости[a].“
Исус ја објаснува споредбата со сејачот
(Мт. 13:18-23; Лк. 8:11-15) 13 Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите. 14 Тоа што сејачот го сее е Божјата порака. 15 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето. 16 Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат. 17 Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат.
18 Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, 19 но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод.
20 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“
2) Споредба со свеќата
(Лк. 8:16-18) 21 Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник? 22 Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае. 23 Ако имате уши - слушајте внимателно!
24 Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде! 25 На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“
3) Споредба со семето
26 Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива. 27 Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа. 28 Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна. 29 Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“
4) Споредба со синаповото зрно
(Мт. 13:31-32; Лк. 13:18-19) 30 „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус. 31 „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња, 32 кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“
Заклучок
33 Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив. 34 Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe.
ТРИ ГОЛЕМИ ЧУДА НА ИСУС
1) Исус смирува бура
(Мт. 8:23-27; Лк. 8:22-25) 35 Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“ 36 Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња. 37 Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне.
38 Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“
39 Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина.
40 Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“
41 А тие беа толку исплашени, што еден на друг си говореа: „Кој ќе е овој Човек кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
И Авраам стекна праведност преку вера
4 Авраам беше биолошки прататко на еврејскиот народ. Како стекна праведност тој? 2 Ако Авраам стекна праведност пред Бог врз основа на своите добри дела, тој ќе имаше причина да се фали пред луѓето, но не и пред Бог. 3 Светото Писмо вели: „Авраам Му поверува на Бог, и Бог му ја припиша неговата вера како праведност[a].“
4 Кај луѓето, кога некој вложува свој труд, наградата што му се дава не претставува подарок, туку обврска. 5 Но пред Бог, оној што не се потпира врз својот труд и постигања, туку што верува во Оној што ги оправдува грешниците, неговата вера му се смета како праведност.
6 Еве што вели и царот Давид кога опишува колку е среќен оној човек кого Бог го смета за праведен, но не врз основа на дела извршени според барањата на Законот:
7 Среќен е оној, на којшто престапот му е простен,
чиј грев е покриен!
8 Среќен е човекот
кого Господ за грев не го обвинува[b].“
9 Дали овој благослов важи само за обрежаните[c], или важи и за необрезаните? Да го погледнеме примерот со Авраам. Рековме дека Бог му припиша праведност на Авраам, затоа што Авраам имаше вера во Него. 10 Кога се случи тоа: кога Авраам беше веќе обрежан, или пред да се обреже? Знаеме дека тоа се случи пред Авраам да биде обрежан, а не откако беше обрежан!
11 Дури потоа тој се обрежа, како печат и потврда дека Бог го прогласи за праведен врз основа на неговата вера што ја имаше уште додека беше необрезан. Така Авраам им стана духовен татко на сите што Му веруваат на Бог, и Бог ги прифаќа како праведни, иако не се обрежани. 12 Истовремено тој им е духовен татко и на оние што се обрежани, но само на оние кои, покрај тоа што се обрежани, го следат и примерот на нашиот прататко Авраам, и Му веруваат на Бог исто како што тој Му веруваше уште пред да биде обрежан.
Божјите дарови се добиваат само преку вера
13 Очигледно е дека ветувањето што Бог им го даде на Авраам и на неговите потомци, оти тие ќе го наследат светот, не им беше дадено затоа што Авраам се придржуваше кон ритуалниот Закон, туку врз основа на праведноста што Авраам ја стекна преку вера во Бог. 14 Ако тврдиме дека Божјото ветување се однесува на оние што му се покоруваат на ритуалниот Закон, испаѓа дека верата нема никаква вредност, а со тоа и Божјото ветување би било неважечко. 15 Имајте предвид дека законот им носи казна на прекршителите. А каде што нема закон, нема ни прекршок!
16 Токму затоа Божјото ветување е засновано на вера. Тоа е незаработен подарок од Бог и им се гарантира на сите што имаат вера каква што имаше Авраам, без оглед на тоа дали се придржуваат кон ритуалните обичаи содржани во Законот или не. Токму затоа Авраам е прататко на сите што Му веруваат на Бог. 17 На тоа се мисли во Светото Писмо кога Бог му рече на Авраам: „Те направив татко на многу народи[d].“ Авраам Му поверува на Бог, на Оној што мртви оживува и со збор го создава тоа што дотогаш не постоело. 18 Кога Бог му вети на Авраам дека ќе стане татко на многу народи, Авраам Му поверува, иако тоа изгледаше сосема невозможно. Бог му рече: „Колку што има ѕвезди на небото, толку ќе бидат и твоите потомци[e]!“ 19 На Авраам не му ослабна верата, иако знаеше дека неговото тело е речиси мртво. Имаше околу сто години, а и неговата жена Сара беше веќе стара и неротка.
20 Тој не се посомнева во ветувањето што му го даде Бог. Напротив, верата му зајакна и тој Му донесе[f] слава на Бог. 21 Авраам беше наполно уверен дека Бог е способен да го исполни тоа што го ветил.
22 Затоа тоа му се припиша како праведност. 23 Овој начин на стекнување праведност пред Бог не важеше само за Авраам, 24 туку важи и за нас што веруваме во Оној што Го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус, 25 Кој беше предаден на смрт за нашите гревови, и беше воскреснат за ние да бидеме оправдани.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest