M’Cheyne Bible Reading Plan
Евангелието според
Матеј
Семејната лоза на Исус, Месијата
(Лука 3:23-38)
1 Извештај за родословието на Исус, Месијата - потомок на царот Давид, кој, пак, е потомок на Авраам: 2 Од Авраам се роди Исак, од Исак се роди Јаков, од Јаков се родија Јуда и неговите браќа, 3 од Јуда и жена му Тамара се родија Перец и Зера, од Перец се роди Хецрон, од Хецрон се роди Рам, 4 од Рам се роди Аминадав, од Аминадав се роди Нашон, од Нашон се роди Салмон, 5 од Салмон и жена му Рахав се роди Боаз, од Боаз и жена му Рута се роди Овед, од Овед се роди Јишај, 6 од Јишај се роди царот Давид. Од Давид и поранешната жена на Урија се роди Соломон, 7 од Соломон се роди Рехавам, од Рехавам се роди Авија, од Авија се роди Асаф[a], 8 од Асаф се роди Јехошафат, од Јехошафат се роди Јорам, од Јорам се роди Узија, 9 од Узија се роди Јотам, од Јотам се роди Ахаз, од Ахаз се роди Езекија, 10 од Езекија се роди Манаше, од Манаше се роди Амос[b], од Амос се роди Јошијаху, 11 од Јошијаху се родија Јаканјаху и неговите браќа, за време на прогонството во Вавилон.
12 По прогонството во Вавилон, од Јаканјаху се роди Шеалтиел, од Шеалтиел се роди Зерубавел, 13 од Зерубавел се роди Авихуд, од Авихуд се роди Елијаким, од Елијаким се роди Азур, 14 од Азур се роди Цадок, од Цадок се роди Јакин, од Јакин се роди Елихуд, 15 од Елихуд се роди Елазар, од Елазар се роди Матан, од Матан се роди Јаков, 16 од Јаков се роди Јосиф - сопругот на Марија - од којашто се роди Исус, наречен Месијата[c].
17 Тоа се вкупно четиринаесет поколенија од Авраам до Давид, четиринаесет поколенија од Давид до прогонството во Вавилон и четиринаесет поколенија од прогонството во Вавилон до Месијата.
Раѓањето на Исус, Месијата
18 А еве како се случи раѓањето на Исус, Месијата: Неговата мајка Марија беше свршена за Јосиф; но, уште додека таа беше девица, преку Светиот Дух во нејзината утроба се зачна дете. 19 Тогаш нејзиниот свршеник Јосиф, кој беше праведен човек и не сакаше јавно да ја посрами, реши во тајност да ја остави. 20 Но токму кога науми да го стори тоа, насон му се јави ангел Господов и му рече: „Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух. 21 Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус[d], зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.“
22 А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија: 23 „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.‘“
24 Кога стана од спиење, Јосиф постапи така како што му беше наредил ангелот Господов, и ја зеде Марија за своја жена. 25 Но Јосиф ја запази Марија како девица, се додека таа не роди Син[e], на кој тој Му даде име Исус.
Вовед
1 Драги Теофиле, во мојата прва книга[a] ти го опишав сето она што Исус го правеше и поучуваше од почетокот, 2 па се до денот кога се вознесе на небото. Пред да се вознесе, им даде упатства на апостолите што ги беше одбрал во содејство со Светиот Дух.
3 Во текот на четириесет дена, по Неговото распнување, Исус повеќепати се појавуваше пред Своите апостоли со што недвосмислено им докажа дека навистина е жив. Тогаш им зборуваше за Божјото царство.
4 На една од тие средби, додека јадеа заедно, им ги даде следниве упатства: „Не заминувајте од Ерусалим се додека небесниот Татко не ви го прати Светиот Дух, Кој ви го вети. Јас уште отпорано ви го кажав тоа. 5 Јован Крстител крштаваше во вода[b], но по неколку[c] дена вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.“
Вознесувањето на Исус
6 Додека апостолите беа со Исус, честопати Го прашуваа: „Господе, сега ли ќе го ослободиш Израел и ќе го возобновиш[d] нашето царство?“ 7 Тој им одговори: „Времето и датумите ги определува небесниот Татко и не сметал за потребно вам да ви ги кажува! 8 Но штом Светиот Дух ќе слезе врз вас, вие ќе добиете сила и ќе им проповедате за Мене на луѓето во Ерусалим, во цела Јудеја, во Самарија, и се до крајот на Земјата.“
9 Откако им го рече ова, пред нивните очи Исус почна да се подига кон небото и тие Го гледаа се додека облак не Го скри од нивните погледи.
10 Додека тие со вперени погледи кон небото гледаа како Тој заминува, пред нив се појавија двајца мажи[e] облечени во бело, 11 и им рекоа: „Галилејци, зошто стоите и зјапате во небото? Истиот Исус, Кој пред вашите очи се вознесе на небото, повторно ќе дојде, на истиот начин на кој и замина!“
Црквата на апостолите во „Горната соба“
12 Тогаш апостолите се вратија во Ерусалим. Ова се случуваше на ридот наречен Маслинова Гора. Тој рид е близу до Ерусалим, на оддалеченост помала од еден километар[f]. 13 Влегоа во градот и отидоа во горната соба на куќата каде што редовно престојуваа. Таму беа:
Петар,
Јован,
Јаков,
Андреј,
Филип,
Тома,
Бартоломеј,
Матеј,
Јаков (синот на Алфеј),
зилотот Симон и
Јуда (синот на Јаков). 14 Сите овие луѓе сложно и редовно се собираа и заедно се молеа. Со нив беа и: Марија (мајката на Исус), повеќе други жени и браќата на Исус.
Избран заменик на Јуда Искариот
15 По неколку дена се собраа околу сто и дваесет Христови следбеници. Петар стана и им се обрати: 16 „Драги пријатели христијани! Уште пред неколку столетија, Светиот Дух ја претскажа судбината на Јуда Искариот, преку зборовите искажани од царот Давид, запишани во Светото Писмо. Значи, тоа што се случи со Јуда, предводникот на оние што го уапсија Исуса, беше претскажано и мораше да се исполни, 17 иако Јуда беше еден од нас и работеше заедно со нас.“
18 (Со парите што ги доби за предавството на Исус, Јуда си купи[g] нива. Потоа таму се обеси, па падна[h] сред неа, распукнувајќи се, при што целата утроба му се истури. 19 За ова дознаа сите жители на Ерусалим, па таа нива ја нарекоа Акал-Д’ма, што на нивниот[i] јазик значи ‚Крвна нива‘.)
20 „Во книгата на псалмите стои запишано:
,Домот да му се запусти,
никој во него да не живее[j]!‘
и
,Службата негова друг нека ја преземе[k]!‘
21 Затоа треба да одбереме човек што ќе го замени Јуда. Тоа треба да биде некој што беше со нас во текот на целото време, откако Господ Исус дојде, па се додека си замина, 22 некој што беше со нас откако Јован Крстител Го крсти Исуса, па се до денот кога Исус се вознесе на небото. Тој човек треба да биде и очевидец на воскреснатиот Исус, како што сме и ние.“
23 Тогаш предложија двајца: првиот беше Јосиф Барсаба[l], познат и како Јуст, а вториот беше Матија. 24 Пред да го извршат изборот, се помолија вака: „Господе, ти знаеш што лежи во срцето на секој човек. Покажи ни кого си го одбрал од овие двајца 25 да биде апостол наместо Јуда, кој не изневери и заврши таму каде што припаѓа.“ 26 Потоа со ждрепка го одбраа Матија, кој им се приклучи на останатите единаесет апостоли.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest