M’Cheyne Bible Reading Plan
ИСУСОВАТА ПРОПОВЕД НА ГОРАТА
5 Кога Исус виде толку народ, се искачи на ридот, па откако седна, Му пристапија Неговите ученици 2 и Тој започна да ги поучува вака:
Кого ќе благослови Господ?
3 „Благословени се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни, зашто на таквите им припаѓа небесното царство!
4 Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени!
5 Благословени се кротките луѓе, зашто тие ќе бидат наследниците на Земјата!
6 Благословени се луѓето кои се гладни и жедни за правда, зашто тие ќе бидат задоволени!
7 Благословени се милостивите луѓе, зашто тие ќе бидат помилувани!
8 Благословени се луѓето со чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9 Благословени се миротворците, зашто тие ќе бидат прогласени за Божји деца!
10 Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа небесното царство!
11 Благословени сте и вие ако ве навредуваат и прогонуваат поради тоа што сте Мои следбеници и ако изнесуваат злобни лаги против вас. 12 Радувајте се и ликувајте, зашто на небото ве чека голема награда; така беа прогонувани и Божјите пророци кои живееја пред вас.“
Сол и светлина на светот
(Мк. 9:50; Лк. 14:34-35) 13 „Вие сте во улога на сол на Земјата; ако солта стане блуткава, како ќе и се врати солениот вкус? Таа ќе стане безвредна - ќе биде фрлена да ја газат луѓето.
14 Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат. 15 Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата. 16 Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“
Осврт на Божјиот Закон
17 „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. 18 Зашто, ве уверувам дека, се додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине се додека целосно не се исполни! 19 Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават - ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така - ќе биде прогласен за голем во небесното царство. 20 Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите[a] - вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“
За гневот
21 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено[b]!‘ 22 Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд[c], а доколку го проколнуваш[d] својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол[e]!‘ 23 Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, 24 остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог.
25 Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. 26 Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“
За прељубата
27 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано:
,Не врши прељуба[f]!‘ 28 Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака - во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! 29 Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев - извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. 30 И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев - отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“
За разводот
(Мт. 19:9; Мк. 10:11-12; Лк. 16:18) 31 „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова:
,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена,
нека и даде потврда за развод[g]‘.
32 Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена - освен ако таа извршила прељуба - ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена - извршува прељуба.‘“
За заклетвата
(Иса. 66:1; Јак. 5:12; Пс. 48:2; Кол. 4:6) 33 „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ 34 Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; 35 ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; 36 ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; 37 кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“
За одмаздувањето
(Лк. 6:29-30; Рим. 12:7; 1Кор. 6:7; 1Пет. 3:9; 5Мојс. 15:8) 38 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака:
,Око за око, заб за заб[h].‘
39 Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. 40 Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. 41 Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. 42 Кога некој ќе запроси нешто од тебе - дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“
За непријателите
(Лк. 6:27-28, 32-36) 43 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова:
,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели[i].‘
44 Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; 45 на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. 46 Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок[j]!? 47 И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! 48 Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“
Казната над Ананиј и Шапира поради лажење
5 А еден друг човек, по име Ананиј, во договор со својата жена Шапира[a] исто така продаде една од своите ниви 2 но само дел од парите им донесе на апостолите, тврдејќи дека тоа се сите пари. За сето ова знаеше и неговата жена.
3 Тогаш Петар му рече: „Ананиј, зошто дозволи Сатаната да ти го исполни срцето, да Го излажеш Светиот Дух и да прикриеш дел од парите што ги доби за нивата? 4 Нивата беше твоја. Твоја работа беше дали ќе ја продадеш или не. И кога ја продаде, парите беа твои. Зошто се реши на измама? Ти се обиде да Го измамиш Бога, а не луѓето!“
5 Кога Ананиј ги слушна овие зборови, падна и умре! Сите што слушнаа за ова многу се исплашија. 6 Неколку момчиња станаа, го завиткаа во платно, го изнесоа и го погребаа.
7 По околу три часа, дојде неговата жена и влезе, не знаејќи што се случи. 8 Петар ја праша: „Кажи ми, за толку пари ли беше продадена нивата?“
„Да, за толку“ - рече таа.
9 Петар и рече: „Зошто се договоривте да го ставате на проверка Духот Господов? Еве ги пред врата момчињата што отидоа да го погребат твојот маж, па и тебе мртва ќе те изнесат!“ 10 И таа веднаш падна пред неговите нозе и умре. Кога влегоа момчињата, ја најдоа и неа мртва, па ја изнесоа и ја погребаа крај нејзиниот маж.
11 Голем страв ја зафати целата црква и сите што слушнаа за ова.
Големиот углед на првите христијани
12 Преку рацете на апостолите беа покажувани многу видливи докази и чуда сред народот. Тие редовно се состануваа во храмот, под Соломоновиот трем, и сите беа сложни. 13 Иако луѓето многу ги почитуваа, никој не се осмелуваше да им се придружи во храмот. 14 Од друга страна, се умножуваше бројот на луѓето што веруваа во Господ, голем број мажи и жени. 15 Луѓето изнесуваа на улиците болни, положени на носила и постели, со надеж дека барем сенката на апостол Петар ќе падне на некој од нив и ќе ги исцели. 16 Се собираа многу луѓе и од градовите околу Ерусалим. Носеа болни и обземени од демонски духови, и сите беа исцелувани.
Верските водачи ги прогонуваат Христовите апостоли
17 Тогаш Првосвештеникот и неговите пријатели, садукеите, се исполнија со завист, 18 па ги уапсија апостолите и ги фрлија в затвор. 19 Но уште истата вечер ангел Господов ги отвори вратите на затворот и ги ослободи, велејќи им: 20 „Одете, застанете во храмот и проповедајте им ја на луѓето оваа порака[b] што е од животна важност!“ 21 Апостолите ги послушаа и уште на разденување влегоа во храмот и ги поучуваа присутните.
22 Но испратените од гардата на храмот не ги најдоа апостолите во затворот, па се вратија и им рекоа: 23 „Затворот беше заклучен, со целото обезбедување и стража пред вратата, но кога влеговме внатре никого не најдовме!“ 24 Кога го слушнаа ова, заповедникот на гардата во храмот и Првосвештеникот се збунија и се прашуваа, што треба да значи тоа!?
25 Тогаш дојде еден човек и им рече: „Оние што ги фрливте в затвор сега се во храмот и го поучуваат народот!“
26 Штом го чу ова заповедникот на гардата на храмот, со своите слуги, отиде и ги доведе апостолите, без да употреби сила, зашто се плашеше да не биде каменуван од народот.
27 Потоа ги изведоа пред Врховното собрание и Првосвештеникот почна да ги испрашува: 28 „Јас најстрого ви забранив да зборувате за Исус, а вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сте решиле врз нас да ја префрлите вината[c] за смртта на Тој Човек!“
29 Петар и другите апостоли му одговорија: „Треба да Му се покоруваме првенствено на Бог, а потоа и на луѓето што ни се претпоставени. 30 Вие Го убивте Исуса, Го распнавте на крст, но Богот на нашите татковци Го воскресна, 31 Го воздигна како наш Водач и Спасител, па Го постави на почесното место - од Својата десна страна, за да им даде можност на Израелците да се покаат и Бог да им ги прости гревовите. 32 За овие настани сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се послушни.“
33 Кога членовите на Врховното собрание го слушнаа ова, збеснаа и решија да ги убијат Христовите апостоли! 34 Но стана еден фарисеј по име Гамалиел, вероучител почитуван од целиот народ. Им нареди на апостолите да излезат за кратко. 35 Потоа му се обрати на собранието: „Луѓе Израелци, размислете добро што ќе сторите со овие луѓе! 36 Пред извесно време се беше кренал Тода, Кој за себе тврдеше дека е голем човек. Му се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите негови следбеници се распрснаа и исчезнаа. 37 По него, за време на пописот[d], се појави галилеецот Јуда и привлече многу народ по себе. И тој загина, па сите негови следбеници се разбегаа. 38 И за овој случај ве советувам: Оставете ги овие луѓе, пуштете ги, зашто ако целото ова движење и учење се од луѓе - ќе исчезнат, 39 но ако се од Бога не можете да ги уништите. Внимавајте да не се впуштите во судир со Бог!“
Собранието го прифати неговиот совет. 40 Ги викнаа апостолите, ги натепаа и им забранија никогаш повеќе да не зборуваат за Исус. Потоа ги пуштија. 41 Апостолите си заминаа од собранието, радосни што Бог ги удостои да страдаат поради верност спрема името на Исус. 42 Потоа, секој ден, во храмот и по куќите, непрестајно го поучуваа народот и проповедаа дека Исус е долгоочекуваниот Месија.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest