M’Cheyne Bible Reading Plan
За дарежливоста
(Мт. 6:6,18; 23:5; 2Кор. 9:9) 6 „Пазете се од искажување побожност и добрина со цел да се покажете пред луѓето, зашто тогаш не ќе имате награда од вашиот небесен Татко.
2 А кога давате милостини, не трубете насекаде, како што тоа го прават лицемерите по синагогите[a] и по улиците. Тие го прават тоа за да бидат пофалени од луѓето. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 3 А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната; 4 нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“
За молитвата
5 „А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите[b] и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 6 А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно.
7 Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост. 8 Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив. 9 Затоа, молете се вака:
,Татко наш, Кој си на небесата: нека се почитува Твоето Име!
10 Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото.
11 Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден.
12 Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија.
13 Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави не од Лукавиот‘. (Зашто Тебе Ти припаѓаат и Царството, и силата, и славата, за вечни векови, амин[c].) 14 Зашто, доколку вие им ги простувате гревовите на другите, ќе ви ги прости и вам вашиот небесен Татко. 15 Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“
За постот
(Иса. 58:5-12) 16 „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! 17 А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето, 18 за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно. “
За богатството на Земјата и на небото
(Лк. 12:22-36; 16:13; Мт. 19:21; По 23:4-5) 19 „Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат, 20 туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат. 21 Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето.
Споредба со окото
22 Очите се светилка за телото; ако ти се здрави очите, целото тело ќе ти биде осветлено; 23 ако, пак, очите не ти се добри, целото тело ќе ти биде затемнето. Значи, ако тоа што во тебе треба да е светлина, всушност е темнина, колку ли е црна темнината!?
Или Бог или материјалното
24 Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или пак едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бога и на парите[d].
Повик на вера во Божјата грижа за нас
25 Затоа, ви велам, да не ве мачат грижи за неопходната храна и облека кои ви се потребни за живот; зар животот не е повеќе од храна и облека за телото? 26 Погледнете ги птиците во небесниот свод: тие ни сеат, ни жнеат, ниту пак резерви си напластуваат; па сепак, вашиот небесен Татко ги храни. Та зар за Бог вие не сте повредни од нив!? 27 Можат ли сите ваши грижи, макар и за педа да ви го продолжат животот[e]?
28 И зошто се грижите за облекувањето? Погледнете како растат полските цвеќиња: тие не се трудат, ниту предат, 29 па сепак, ви велам дека ни царот Соломон во својата најголема слава не беше накитен како еден полски цвет! 30 А, кога Бог така ја облекува полската трева, која денес ја има, а веќе утре в оган се фрла, зар Тој нема и вас да ве облече? Колку мала вера имате! 31 Затоа, да не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете, што ќе пиете и во што ќе се облечете; 32 тоа им е својствено на оние што не Го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. А вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. 33 Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство и Неговата праведност, а се друго што ви е потребно, ќе ви биде дадено. 34 Значи, не грижете се за утрешниот ден - тој ќе се погрижи за себе. Доволно грижи има за денешниот ден!“
Назначување на седум помошници
6 Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините[a] се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. 2 Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. 3 Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, 4 а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“
5 Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. 6 Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив.
7 Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера.
Апсењето на Стефан
8 Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. 9 Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ‚Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. 10 Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, 11 тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“
12 Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание[b]. 13 Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм[c] и против Мојсеевиот Закон. 14 Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“
15 Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest