Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

M’Cheyne Bible Reading Plan

The classic M'Cheyne plan--read the Old Testament, New Testament, and Psalms or Gospels every day.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Error: Book name not found: Gen for the version: Macedonian New Testament
Матеј 9

Исус исцелува парализиран човек

(Мк. 2:1-12; Лк. 5:17-26) Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Човекот стана и оздравен си отиде дома. Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ.

Повикувањето на Матеј за апостол

(Мк. 2:18-22; Лк. 5:33-39) Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него. 10 Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи[a] на данок и жигосани грешници. 11 Го забележаа тоа некои од фарисеите[b] и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“ 12 Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! 13 Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо:

,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви[c]!‘

Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“

За постот

(Мк. 2:18-22; Лк. 5:33-39) 14 Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“ 15 Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“

16 „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка. 17 Ниту пак некој става ново[d] вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“

Исус воскреснува и исцелува

18 Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ 19 Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.

20 А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, 21 бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ 22 Исус се сврте, ја погледна и и рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве.

23 Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, 24 им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. 25 Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. 26 За ова чудо се разгласи по целиот крај.

Исус исцелува двајца слепи

(Мт. 15:22; 20:30; Мк. 10:47; Лк. 18:38) 27 Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ 28 Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ 29 Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ 30 И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. 31 Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај.

Исус исцелува нем човек

(Лк. 11:14-15) 32 Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух. 33 Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“ 34 А фарисеите[e], пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“

Христовата сочувствителност спрема загубениот народ

35 Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања. 36 Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир. 37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку. 38 Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“

Error: Book name not found: Ezra for the version: Macedonian New Testament
Дела Ап 9

Во меѓувреме Савле, со секој свој здив, претставуваше смртна закана за Господовите следбеници. Толку беше ревносен во неговата решеност да ги истреби, што отиде кај Првосвештеникот и измоли од него да напише писма до синагогите во Дамаск, во кои Првосвештеникот ќе бара од нив да соработуваат со Савле во апсењето на сите следбеници на Патот[a] што ќе ги најде таму. Савле сакаше да ги доведе во Ерусалим сите христијани, и мажи и жени, оковани во синџири.

Кога се приближи до Дамаск, ненадејно блесна во него силна светлина од небото! Тој падна на земјата и слушна глас, како му се обраќа: „Савле, Савле! Зошто Ме прогонуваш?“

„Кој сте Вие, господине?“ - праша Савле.

Господ му одговори: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш! Стани и влези во градот; таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“

Луѓето што патуваа со него стоеја занемени, зашто слушнаа глас, а не видоа никого. Савле стана од земјата, ги отвори очите, но ништо не гледаше. Водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше.

10 А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија[b]. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“

11 Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли. 12 Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“

13 Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! 14 Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“

15 Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. 16 А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“

17 Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ 18 Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.

Савле проповеда во Дамаск

19 Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск. 20 Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син.

21 Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај Првосвештениците?“

22 Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават.

23 По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат, 24 но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат. 25 Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош[c].

Савле проповеда во Ерусалим

26 Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин. 27 Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус. 28 Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ. 29 Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат. 30 Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс.

31 Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.

Делата на Петар во градовите Лида и Јопа

32 Посетувајќи ги христијаните, апостол Павле патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. 33 Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. 34 Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана! 35 Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36 А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита[d], што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. 37 Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. 38 Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.

39 Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.

40 Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. 41 Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива.

42 Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. 43 А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest