M’Cheyne Bible Reading Plan
Кој ќе биде најголем во небесното царство?
(Мк. 9:33-37; Лк. 9:46-48) 18 Во тоа време учениците дојдоа кај Исус и Го прашаа: „Кој од нас ќе биде најголем во небесното царство?“ 2 Исус повика кај Себе едно детенце, го исправи пред нив 3 и им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се покаете и не станете како малите деца, нема ни да влезете во небесното царство! 4 Најголем во небесното царство е оној што ќе се понизи и ќе биде како ова детенце. 5 И кој ќе прими едно вакво детенце во Мое име, Мене ме прима.“
Опомена против наведување на невера
(Мк. 9:42-48; Лк. 17:1-2) 6 „Ако некој биде причинител за отстапување[a] од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето! 7 Страшно е што на светот има причинители[b] поради кои луѓе отпаѓаат од верата. Навистина, такви секогаш има, но тешко си му на оној преку кого причините за невера доаѓаат!“
8 „Ако твојата рака или нога те наведува на грев - отсечи ја и фрли ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака или со една нога, отколку со двете да завршиш во вечниот оган! 9 Или, ако твоето око те наведува на грев - извади го и фрли го! Подобро е да влезеш во вечниот живот, макар и со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во огнениот пекол!“
Споредба со загубената овца
(Лк. 15:3-7) 10 „Внимавајте да не потцените ниедно од овие најмалечкиве, зашто нивните ангели на небото се постојано со Мојот небесен Татко.“
11 (Зашто Синот Човечки дојде за да ги спаси оние што се загубени.)[c]
12 „Што мислите: ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да појде по ридот да ја бара загубената? 13 Па кога ќе ја најде, сигурно ќе и се радува повеќе отколку на деведесет и деветте кои не се загубиле! 14 Така ни вашиот[d] небесен Татко не сака да се загуби ниедна душа, макар и од овие најмалечкиве.“
Ако ти згреши некој христијанин
(Лк. 17:3) 15 „Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша - повторно си го придобил како свој ближен[e]. 16 Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци[f]. 17 Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок[g].“
18 „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата.
19 Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни. 20 Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“
Принцип на неограничено простување
21 Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“
22 А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум!
23 Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари. 24 Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти[h]. 25 Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со се што поседуваа, па така да си го наплати долгот. 26 Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ 27 На царот му падна жал и го пушти, отпишувајќи му го долгот.
28 Но кога овој слуга излезе, сретна еден од своите другари кој му должеше сто денарии[i], па го фати за гуша и почна да го дави, викајќи му: „Врати ми го долгот!“ 29 Тогаш неговиот другар клекна и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ 30 Но овој не сакаше, туку го фрли в затвор додека не му го врати долгот. 31 Кога другите слуги видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа кај царот и му го кажаа сето ова. 32 Тогаш царот го повика оној слуга и му рече: „Колку си лош! Кога ти ме молеше, јас ти го простив целиот долг. 33 Не требаше ли да му се смилуваш на твојот другар како што јас ти се смилував!?“ 34 Царот беше толку лут, што го фрли овој слуга в затвор, додека не му го врати целиот долг. 35 Така ќе постапи со вас и Мојот небесен Татко, доколку од срце не си простувате едни на други.“
6) Павле проповеда во Коринт
18 Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт[a]. 2 Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клавдиј беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив, 3 и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори[b] - тој остана кај нив и заедно работеа.
4 Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагога и им проповедаше и на Евреите и на Грците.
5 Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што Го чекаат. 6 Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им го врати и правот од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа[c]! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“
7 Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тициј Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата. 8 Управник на синагогата беше Крисп. Тој и сите негови домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија.
9 Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај! 10 Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“ 11 Така Павле остана во Коринт една година и шест месеци, проповедајќи им ја на луѓето Божјата порака.
12 Но кога Галио стана управник на Ахаја, извесен број Евреи се здружија и се кренаа против Павле. Го изведоа на суд пред Галио, 13 изнесувајќи го против него следново обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“ 14 Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев должен да ве ислушам; 15 но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“ 16 Потоа ги избрка од судницата. 17 А тие го фатија Состен, кој беше управник на синагогата и го тепаа пред судот, но Галио воопшто не интервенираше.
Второто мисионерско патување завршува:
Павле се враќа во сириска Антиохија
18 Павле остана во Коринт уште извесно време, а потоа се збогува со тамошните христијани и отплови за Сирија. Со него отпатуваа и Присцила и Акила. (Претходно, во Кенкреја, согласно со еврејските обичаи, Павле си ја беше избричил главата, зашто имаше дадено таков завет.)
19 Кога пристигнаа во пристаништето Ефес, Павле се раздели од своите придружници. Додека беше во Ефес, отиде во синагогата и им проповедаше на Евреите. 20 Тие го замолија да остане кај нив подолго време, но тој не прифати, 21 туку, збогувајќи се со нив, им рече: „Ако даде Бог, пак ќе се вратам кај вас[d].“ Потоа отплови од Ефес.
22 Дојде до пристаништето Цезареја, се поздрави со луѓето од црквата[e], па замина за Антиохија. 23 Откако остана извесно време во сириска Антиохија, Павле одново тргна на пат, посетувајќи ги редум христијаните во областите на Галатија и Фригија, за да ги охрабри.
Аполос проповеда во Ефес и Ахаја
24 Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги. 25 Веќе беше упатен на Патот Господов и многу ревносно и точно проповедаше за Исус, иако знаеше само за крштавањето на Јован Крстител. 26 Тој почна смело да зборува во синагогата. Кога го слушнаа Присцила и Акила, го зедоа кај нив и уште подобро му го објаснија Божјиот Пат.
27 Аполос реши да замине за Ахаја[f]. Христијаните од Ефес го охрабрија и им напишаа писма на христијаните во Ахаја, со препорака да го прифатат. Кога пристигна во Ахаја, Аполос многу им помогна на новообратените христијани кои поверуваа благодарение на Божјата дарежлива благонаклоност. 28 Тој на јавни дебати ги побиваше Евреите со силни аргументи, докажувајќи им преку Божјите книги дека Исус е Месијата што им беше предвестен.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest