M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус исцелува во саботен ден
Заговор против Исус
(Мт. 12:9-14; Лк. 6:6-11) 3 Исус повторно влезе во тамошната синагога и таму сретна еден човек со парализирана рака. 2 Фарисеите сакаа да Го обвинат Исуса, па Го демнеа, за да видат дали ќе го исцели човекот во саботен ден.
3 Исус му се обрати на човекот со парализирана рака: „Дојди, застани пред сите!“ 4 Потоа праша: „Што треба да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спаси некој човечки живот, или да се уништи?“ Сите молчеа. 5 Исус налутено ги изгледа сите по ред. Сепак, Му стана жал за нив, поради нивната тврдоглавост. Потоа му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи и раката му оздраве.
6 Фарисеите веднаш излегоа и заедно со приврзаниците на Ирод се договорија да Го убијат Исуса.
Масовно доаѓање кај Исус
7 Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја, 8 како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус. 9 Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот.
10 Бидејќи исцелуваше мнозина, сите болни навалуваа кон Него, за да Го допрат. 11 А демонските духови паѓаа ничкум пред Исус и викаа: „Ти Си Божјиот Син!“ - 12 иако Тој строго им забрануваше да кажуваат кој е Тој.
Изборот на дванаесетте апостоли
(Мт. 10:1-4; Лк. 6:12-16) 13 Потоа Исус се упати кон гората, повикувајќи ги со Себе и оние што ги беше избрал. Тие Му се придружија. 14 Од нив Тој избра дванаесет души да бидат Негови апостоли: да Го придружуваат и да ги испраќа да проповедаат. 15 Исто така и да ги ослободуваат луѓето обземени од демони. 16 А дванаесеттемина беа овие: Симон, кого Исус го нарече Петар, 17 Завдаевите синови Јаков и Јован, кои Исус ги нарече „грмежливи синови[a]“, 18 Андреј, Филип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Алфеевиот син Јаков, потоа Тадија, Симон Кананеецот[b], 19 и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус.
Исус е наречен Кнез на демоните
(Мт. 12:22-32; Лк. 11:14-23; 12:10) 20 Исус се врати дома, а голема толпа народ повторно навали, така што Тој и Неговите ученици не можеа ни да јадат. 21 Кога Неговите домашни разбраа за ова, тргнаа да Го приберат, зашто се говореше дека Тој е луд.
22 Вероучителите што беа дојдени од Ерусалим зборуваа дека Исус е обземен од Баалзибул[c] - поглавицата на демонските духови - и дека со помош на Баалзибул ги изгонува демонските духови.
23 Тогаш Исус го повика народот да се собере околу Него, па почна да му зборува преку споредби.
„Како може Сатаната сам себеси да се изгонува!? 24 Царство во кое едни против други војуваат, не може да се одржи! 25 Семејство во кое владее неслога, не може да се одржи! 26 Ако Сатаната се крене сам против себе - тоа би значело крај за него!
27 Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да го ограби, ако прво не го совлада и не го врзе? Само така ќе може да го ограби!
28 Сериозно ви велам: сите грешни дела и навреди[d], колку и да се тешки, можат да им бидат простени на луѓето; 29 но нема простување за оној што ќе го навреди Светиот Дух; таквиот грев вечно ќе го товари.“ 30 Исус го рече ова, зашто за Него говореа дека е обземен со демонски дух.
Кое Му е вистинското семејство на Исус?
(Мт. 12:46-50; Лк. 8:19-21) 31 Тогаш пристигнаа мајка Му и браќата на Исус. Стоејќи надвор, тие испратија некого да Го повика. 32 Токму тогаш околу Него се беше насобрал многу народ и некои меѓу нив Му рекоа: „Ене ги надвор мајка ти, браќата и сестрите Твои и Те викаат!“
33 А Тој им одговори: „Која ми е мајка и кои ми се браќа и сестри?“ 34 Покажувајќи на седнатите околу Него, додаде: „Еве ги мајка Ми и браќата Мои! 35 Секој што ја извршува Божјата волја ми е и брат и сестра и мајка!“
Евреите потфрлија, но Бог останува верен
3 Тогаш, во што е предноста да се биде Евреин? Има ли обрежувањето некаква вредност? 2 Предноста е голема, во секој поглед! Како прво, Светото Писмо[a] им беше доверено на Евреите.
3 Навистина, некои од нив ја изневерија Божјата доверба, но дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува? 4 Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажливци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано во Светото Писмо:
„Ќе се покаже дека вистината ја зборуваш,
пред судот победа ќе извојуваш[b].“
5 Има луѓе што велат: „Нашите гревови служат за да дојде до израз Божјата добрина, кога Тој ќе ни ги прости. Зарем тогаш не е неправедно Бог да не казнува?“ (Да, има луѓе што токму така зборуваат.) 6 Се разбира дека не е неправедно! Да е така, како би можел Бог да му суди на светот? 7 Можеби некој ќе рече: „Ако преку мојата лага уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и се возвишува Неговата слава, зошто тогаш Бог да ме смета за грешник и да ме осудува?“ 8 Ако така размислувате, ќе испадне дека колку повеќе грешиме, толку е подобро! Се разбира дека не е така, иако некои луѓе ме клеветат дека јас така сум проповедал! Тие што така размислуваат, си ја заслужуваат казната што ќе ги снајде!
Сите луѓе се грешници
9 Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот. 10 Како што е напишано во Светото Писмо:
„Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен;
11 ниту еден што разбира,
ниту еден што Го бара Бога.
12 Сите скршнаа од правиот пат,
сите се израсипаа.
Нема ниту еден единствен човек
што прави добро[c].“
13 „Грлата нивни - гробови отворени,
јазиците само за злобни лаги им служат[d].“
„Зад усните змиски отров кријат[e].“
14 „Устите им со клетви и горчина се полни[f].“
15 „Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв.
16 Кај ќе стапнат - пустош и беда носат!
17 За мирољубивост не знаат[g].“
18 „Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема[h].“
19 А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди. 20 Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност.
Само верата во Христос може да н
е оправда 21 Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо[i]:
22 пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика, 23 зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди. 24 Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос. 25 Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос. 26 Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање.
27 Има ли тука место некој од нас да се фали? Таквата можност е целосно исклучена! Според кој закон фалењето е исклучено: според оној на нашите постигнувања ли? Не, туку според законот што се темели врз верата! 28 Ние согледуваме дека човек се оправдува пред Бог преку верата, а не преку придржување кон уредбите во Законот.
29 Зар Бог им припаѓа само на Евреите? Зарем Тој не е Бог и на сите други народи? Се разбира дека е! 30 Има само еден Бог и Тој ги оправдува и обрежаните и необрезаните[j] само врз основа на нивната вера. 31 Значи ли тоа дека ние, истакнувајќи ја верата, го поништуваме Божјиот Закон? Никако! Всушност, само ако имаме вера можеме вистински да го исполниме она што го бара Божјиот Закон.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest