M’Cheyne Bible Reading Plan
Отфрлање на човечките обичаи и преданија
(Мк. 7:1-13) 15 Во тоа време од Ерусалим дојдоа кај Исус некои фарисеи и вероучители[a] и Го запрашаа: 2 „Зошто Твоите ученици не ги почитуваат нашите стари обичаи!? На пример, тие не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење!“ 3 А Исус им одговори: „А зошто вие, со вашите обичаи, ги кршите Божјите заповеди!? 4 На пример, Бог заповедал вака: ,Почитувај ги мајка си и татка си. Кој ќе проколне татко или мајка да се казни со смрт!‘ 5 А вие велите: ,Доволно е само некој да рече дека имотот што го има му го посветува на Бога, 6 и со тоа се ослободува од обврската да ги издржува своите родители!‘ На тој начин, со своите преданија вие ја укинавте Божјата заповед! 7 Лицемери! Имаше право Бог кога преку пророкот Исаија за вас напиша:
8 ,Овој народ со усните Ме почитува,
но срцето му е далеку од Мене!
9 Се залажуваат дека Ме почитуваат,
а всушност ги шират своите човечки обичаи
како да се Мои заповеди[b]!‘“
Што го опоганува човекот?
(Мк. 7:14-23) 10 Тогаш Исус го повика народот да Му се приближи и му рече: „ Слушајте и сфатете дека, 11 не го погани човекот храната што ја внесува преку устата, туку она што го зборува и што го прави.“
12 По ова Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија од она што Ти го кажа?“ 13 А Исус им одговори: „Секоја садница што не е насадена од Мојот небесен Татко, ќе биде искоренета! 14 Оставете ги; тие се слепи водачи кои водат слепи луѓе; а кога слепец води слепец - обајцата ќе паднат во јама!“ 15 Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“ 16 Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!? 17 Не сфаќате ли дека се што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор? 18 А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот. 19 Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот. 20 Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“
Силната вера на една жена Хананејка
(Мк. 7:24-30) 21 Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон. 22 Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“ 23 Но Исус воопшто не и одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни и ја молбата, да не вика по нас!“ 24 Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“ 25 А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“ 26 Но Исус и одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“ 27 Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“ 28 На ова, Исус и одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена.
Исус исцелува многу луѓе
29 Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. 30 Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. 31 Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.
Исус чудотворно нахранува над 4.000 луѓе
(Мк. 8:1-10) 32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ 33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ 34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, 36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. 37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. 38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
39 Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан[c].
Расправија во Антиохија околу обрежувањето
15 Во времето додека Павле и Барнаба беа во сириска Антиохија, имаше неколку луѓе дојдени од Јудеја што им говореа на новообратените христијани од нееврејско потекло дека, ако не се обрежани според обичајот оставен од Мојсеј, не можат да бидат спасени. 2 Павле и Барнаба не се согласија со ова, па дојде до голема расправија. Затоа се договорија, Павле, Барнаба и неколкумина од нив да појдат кај апостолите и старешините во Ерусалим и да се посоветуваат во врска со ова прашање. 3 Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа дека и луѓе што не се Евреи се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани.
Апостолскиот Собор во Ерусалим
4 Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за се што Бог направи преку нив. 5 Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон.
6 Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање. 7 По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат. 8 Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам. 9 Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера. 10 Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме? 11 Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“
12 Тогаш сите што беа собрани замолкнаа и ги слушаа Барнаба и Павле како раскажуваат за многубројните видливи докази и чуда што Бог ги направи преку нив меѓу нееврејските народи.
13 По нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам! 14 Симон Петар ви објасни како самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи. 15 Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови:
16 ,Подоцна ќе се вратам
и ќе го обновам паднатиот шатор[a] на Давид,
урнатините ќе ги поправам
17 така што остатокот од човештвото,
меѓу кои се и сите нееврејски народи
кои Јас сум ги повикал да бидат Мои,
ќе можат да Го најдат Господа.‘
Вака рече Господ,
18 Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта[b].
19 Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог. 20 Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв. 21 Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“
Писмо до христијаните од нееврејските народи
22 Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила. 23 Ним им го предадоа следново писмо:
„Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим,
до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија.
Поздрави до вас!
24 Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле. 25 Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле, 26 луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.
27 Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме. 28 Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни: 29 да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства.
Бидете поздравени!“
30 Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото. 31 Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина.
32 А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата. 33 Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија. 34 [c] 35 Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ.
Павле и Барнаба се разделуваат
36 По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“ 37 Барнаба се согласи, но предложи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко. 38 Меѓутоа, Павле сметаше дека не треба да водат со себе човек што веќе еднаш ги остави во Памфилија и се повлече од работата. 39 Несогласувањето беше толку остро што тие се разделија. Барнаба го зеде со себе Марко и тие отпловија за Кипар. 40 Павле, пак, го зеде со себе Сила, и заедно тргнаа на пат, откако верните се помолија Господ да им биде благонаклонет. 41 Така тие пропатуваа низ Сирија и Киликија, и по сите цркви ги охрабруваа христијаните.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest