M’Cheyne Bible Reading Plan
Фарисеите приговараат за саботата
(Мк. 3:1-6; Лк. 6:6-11) 12 Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат. 2 Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“ 3 А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа? 4 Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот[a] леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците? 5 Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон[b] дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни? 6 Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот! 7 Да бевте разбрале што значат Божјите зборови:
,Од вас сакам да покажувате милост,
а не да Ми принесувате жртви[c]‘,
немаше да ги осудувате овие невини луѓе.
8 Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“
Исус исцелува во сабота
(Мк. 3:1-6; Лк. 6:6-11) 9 Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога[d], 10 каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“ 11 А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади? 12 А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“ 13 Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата. 14 А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса.
Карактерот на Божјиот Избраник
(Мк. 3:7; Евр. 4:13; Ис. 42:1-4) 15 Кога дозна за тоа, Исус си замина оттаму, следен од толпа народ. Тој ги исцелуваше сите болни меѓу нив, 16 но не им дозволуваше да шират гласови за Него. 17 Со тоа се исполнуваше она што го навести Бог преку пророкот Исаија:
18 „Еве Го Мојот избран слуга, Мојот Љубимец,
задоволството на Мојата душа!
Нему ќе Му го дадам Мојот Дух,
Тој ќе им ја објави Мојата правда на народите.
19 Нема да се расправа, ниту пак ќе вика -
гласот нема да му одекнува по улиците.
20 Нема да дотолчува ранета душа, што е како скршена трска,
нема да ја угасне и најмалата надеж,
макар таа да е како фитил што тлее,
се додека правдата не победи.
21 А сите народи ќе ја положат својата надеж
во Неговото име[e].“
Исуса Го обвинуваат дека е Ѓавол
(Мк. 3:20-30; Лк. 11:14-23; 12:10) 22 Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа. 23 Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов[f]?“ 24 Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул[g] е во Него!“ 25 Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане. 26 Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството? 27 Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат! 28 Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало!
29 Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да му го ограби имотот, ако најпрво не го врзе силниот човек, за потоа да може да му ја ограби куќата?
30 Кој не е со Мене, против Мене е; кој со Мене не собира - тој растура!
31 Ви велам: на луѓето ќе им биде простен секој грев и секоја навреда, но ако Го навредат Светиот Дух нема да им биде простено. 32 И навредувањето против Мене, Синот Човечки ќе се прости, но навредувањето против Светиот Дух нема да се прости ни на овој свет ни на идниот.“
Дрвото се познава по плодот
(Лк. 6:43-45) 33 „Вие добро знаете дека питомото дрво раѓа питом плод, а дивото дрво раѓа див плод, зашто дрвото се распознава според плодот. 34 Змиски рожби! Како може од вас да произлезат благородни зборови, кога сте зли!? Устата го зборува тоа што човек го има во срцето! 35 Благороден човек изговара благородни зборови, бидејќи срцето му е благородна ризница, а лошиот човек изговара лоши зборови, бидејќи срцето му е зла ризница. 36 Ве предупредувам дека за секој непромислен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на Судниот ден! 37 Твоите сопствени зборови или ќе те оправдаат, или ќе те осудат.“
Фарисеите бараат чудотворен знак
(Мк. 8:11-12; Лк. 11:29-32) 38 Тогаш некои вероучители и некои фарисеи[h] Му рекоа на Исус: „Учителе, сакаме од Тебе да видиме некој чудотворен знак!“ 39 А Исус им одговори: „Само грешните и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона: 40 како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Јас, Синот Човечки, ќе минам три дни и три ноќи во срцето на Земјата. 41 На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време кога Јона им проповедаше, тие се покајаа. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона - а кај вас нема покајание! 42 И кралицата од Шеба[i] ќе стане на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја за да ја чуе мудроста на Соломон. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Соломон, а вие не Го слушате!“
43 „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој снови по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа; 44 тогаш, ќе си рече: ,Да си се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ При враќањето забележува дека местото е празно, чисто и уредно; 45 па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што сега состојбата на човекот му е уште полоша од претходната! Тоа ќе и се случи и на оваа зла генерација!“
Вистинските роднини на Исус
(Мк. 3:31-35; Лк. 8:19-21) 46 Исус се уште му говореше на народот, кога пристигнаа мајка Му и Неговите браќа. Тие чекаа надвор и сакаа да разговараат со Него. 47 Тогаш некој Му рече на Исус: „Ене ги надвор мајка ти и Твоите браќа и сакаат да разговараат со Тебе.“ 48 А Исус му одговори на оној што му го кажа тоа: „Која ми е мајка и кои ми се браќа?“ 49 Па, покажувајќи со раката кон Своите ученици, рече: 50 „Овие ми се и мајка и браќа! Секој што ја извршува волјата на Мојот небесен Татко ми е и брат и сестра и мајка.“
Убиството на Јаков и апсењето на Петар
12 Во тоа време, царот Ирод Агрипа[a] им зададе многу маки на неколку припадници на црквата. 2 Со меч го погуби апостол Јаков, братот на Јован. 3 Кога виде дека со тоа им угодува на еврејските челници, го уапси и Петар, и тоа за време на празникот Бесквасници[b]. 4 Го фати Петра, го затвори и нареди четири групи од по четири војници да го чуваат, а по Пасхата да го изведе на јавно судење пред народот. 5 Додека Петар беше в затвор, целата црква сесрдно Му се молеше на Бог за него.
Петар на чудотворен начин излегува од затворот
6 Ноќта, пред Ирод да го изведе на суд, Петар спиеше меѓу двајца војници, врзан со два синџира, а пред вратата на затворот стоеше стража. 7 Одеднаш, ангел Господов му пријде и светлина болсна во ќелијата. Го потчукна по рамото и го разбуди, велејќи му: „Станувај брзо!“ Тогаш синџирите паднаа од неговите раце, 8 а ангелот му рече: „Препаши се и обуј си ги сандалите!“ Петар го послуша. Потоа му рече: „Префрли си ја наметката и оди по мене!“
9 Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува. 10 Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна.
11 А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“
12 Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва. 13 Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода 14 и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата.
15 „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие.
16 Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа! 17 Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место.
18 Кога се раздени, настана паника меѓу војниците. Не знаеја што се случило со Петар! 19 Ирод испрати потера, но не го најде. Ги испрашуваше и стражарите, но безуспешно, па нареди да ги погубат.
Потоа Ирод ја напушти Јудеја и привремено се пресели во Цезареја.
Смртта на Ирод Агрипа
20 Ирод беше во многу лоши односи со граѓаните на Тир и Сидон. Тие се здружија, испратија кај него делегација. Го поткупија Бласт, кој му беше собар, и побараа да склучат мир, бидејќи нивната земја добиваше храна од земјата на царот Ирод.
21 На договорениот ден, Ирод се облече во царска облека, седна на престолот, и му одржа говор на насобраниот народ. 22 Народот одушевено викаше: „Ова е глас на бог, а не на човек!“
23 Во истиот миг ангел Господов го удри со болест, зашто не Му оддаде слава на Бог. Во неговото тело се развија црви од што тој набргу умре.
24 А Божјата порака се пошироко се проповедаше и бројот на христијаните растеше.
25 Откако ја завршија мисијата во Ерусалим, Барнаба и Савле се вратија во Антиохија. Со себе го зедоа Јована, со прекар Марко.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest