M’Cheyne Bible Reading Plan
16) Воскресението на Исус
(Мт. 28:1-8; Лк. 24:1-12; Јвн. 20:1-10) 16 По саботата, Марија од Магдала, Салома и Марија - мајката на Јаков - купија мириси за балсамирање на Исусовото тело. 2 Во раните зори на Неделата, при изгрејсонце, тие се упатија кон гробницата. 3 Одејќи, почнаа да се прашуваат: „Како ќе го тргнеме каменот од отворот на гробницата?“ 4 Но кога втасаа таму и погледнаа, забележаа дека тешкиот камен е веќе отстранет! А каменот беше навистина голем!
5 Жените влегоа во гробницата и на десната страна видоа седнат еден млад човек[a] во долга бела облека. Многу се исплашија!
6 Но ангелот им рече: „Не плашете се! Вие го барате Назареќанецот Исус, Кој беше распнат. Тој воскресна и не е овде! Еве го местото каде што беше положено Неговото тело. 7 Одете и кажете им на Неговите ученици, и особено на Петар: ,Исус ќе ве чека во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви беше кажал!‘“
8 Жените избегаа од гробницата, тресејќи се од страв. Толку беа исплашени, што никому ништо не кажуваа.
Исус
и се покажува на Марија Магдалена 9 Рано изутрината во неделата, кога Исус воскресна од мртвите, и се појави на Марија од Магдала. (Порано Исус ја беше ослободил од седум демони кои беа во неа.)
10[b]
................................................................................................................................ 10 Таа отиде и им кажа на Исусовите следбеници кои тагуваа и плачеа. 11 Но тие, кога слушнаа дека Исус е жив, не поверуваа, иако Марија им кажа дека Го видела.
Исус им се покажува на двајца Свои ученици
(Лк. 24:13-25) 12 Подоцна, Исус им се појави и на двајца Свои ученици, но во поинаков изглед. Тие тогаш одеа по пат, кон едно село. 13 Кога овие двајца им раскажаа за ова на другите, тие не им поверуваа.
Упатства од Исус до Неговите следбеници
(Мт. 28:16-20; Лк. 24:36-49; Јвн. 20:19-23; Дела 1:6-8) 14 Потоа Исус им се покажа и на единаесеттемина Свои ученици, додека тие вечераа заедно. Тогаш ги укори поради нивното неверство и закоравеност на срцата, зашто не им веруваа на оние што Го беа виделе по Неговото воскресение. 15 Потоа им рече:
„Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе! 16 Секој што ќе поверува и ќе се крсти - ќе биде спасен. А секој што ќе одбие да поверува - ќе биде осуден. 17 Оние што ќе поверуваат, ќе можат да извршуваат чуда: со помош на Моето име ќе изгонуваат демонски духови, ќе зборуваат на нови јазици, 18 со раце ќе фаќаат змии, ќе испиваат отрови и нема да се отрујат, ќе исцелуваат болни со ракополагање врз нив.“
17) Вознесението на Исус
(Лк. 24:50-53; Дела Ап. 1:9-11) 19 Откако на Своите ученици им ги упати овие зборови, Господ Исус се вознесе на небото и седна до Бог, од Неговата десна страна[c].
20 А учениците се разотидоа и почнаа да проповедаат насекаде. Господ беше со нив и преку чудата што тие ги извршуваа потврдуваше дека тоа што го зборуваат е вистина[d].
16 Ви ја препорачувам нашата сестра Фиба, која служи во црквата во Кенхреа. Таа наскоро ќе ве посети. 2 Пречекајте ја срдечно, како што им прилега на Божји луѓе. Помогнете и со се што ќе и треба, бидејќи и таа им помагаше на многумина, а ми помогна и мене.
3 Поздравете ги Приска[a] и Акила, кои соработуваат со мене во мојата мисија за Исус Христос. 4 Тие си ги ризикуваа сопствените животи заради мене. Ним не сум им благодарен само јас, туку и сите цркви меѓу неевреите.
5 Поздравете ја и црквата што се собира во нивниот дом.
Поздравете го мојот драг пријател Епенет. Тој е првиот христијанин од Азија[b].
6 Поздравете ја Марија, која многу работеше за вас.
7 Поздравете ги моите роднини[c] Андроник и Јуниј[d], со кои заедно бевме в затвор. Тие се многу почитувани меѓу апостолите и уште пред мене беа Христови следбеници.
8 Поздравете го мојот драг пријател во Господ, Амплијат.
9 Поздравете го Урбан, наш соработник во Христовото дело; поздравете го и мојот драг пријател Стахиј.
10 Поздравете го Апелиј, потврден следбеник на Христос.
Поздравете го семејството на Аристобул.
11 Поздравете го мојот роднина[e] Иродион.
Поздравете ги христијаните од семејството на Наркис.
12 Поздравете ги Трифен и Трифос, кои трудољубиво работат за Господ.
Поздравете ја мојата драга пријателка Персида, која многу работеше за Господ.
13 Поздравете го Руф, избраник на Господ. Поздравете ја и неговата мајка, која и мене ми беше како мајка.
14 Поздравете ги Асинкрит, Флегон, Ермин, Патроб, Ерман и нашите пријатели христијани што се со нив.
15 Поздравете ги Филолог и Јулија, Нереј и неговата сестра, Олимп и сите Божји луѓе што се со нив.
16 Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж. Примете поздрави од сите Христови цркви.
Предупредувања и поздрави
17 Ве предупредувам, драги пријатели христијани, да се пазите од оние што предизвикуваат поделби и сомнежи, што ве учат на работи спротивни на учењето што го примивте. Избегнувајте ги! 18 Таквите луѓе не му служат на нашиот Господ Христос, туку им служат само на сопствените апетити[f]. Преку лицемерни говори и ласкање тие ги заведуваат простодушните. 19 А за вас насекаде се слуша дека сте Му послушни на Бог, и тоа посебно ме радува. Би сакал да бидете бистри за она што е добро, а невини за се што е зло. 20 А Бог, Кој е извор на мирот, брзо ќе го сотре Сатаната и ќе го фрли под вашите нозе! Нашиот Господ Исус нека ви биде благонаклонет[g].
21 Ве поздравуваат мојот соработник Тимотеј и моите сонародници Луциј, Јасон и Сосипатер.
22 И јас, Терцие, оној што го пишува ова писмо, ве поздравувам како Господов следбеник.
23 Ве поздравува Гај, кој ни е домаќин и мене и на целата овдешна црква. Ве поздравува градскиот благајник Ераст и нашиот брат по вера, Квартус. 24 [h]
Завршен славопој
- доксологија 25 А сега, нека Му е слава на Бог, Кој може да ве направи цврсти преку Радосната вест што ви ја пренесувам! Таа зборува за Исус Христос. Со векови ова беше тајна, 26 но сега стана нешто што сите можат да го слушнат. Вечниот Бог им заповеда на Неговите пророци да пишуваат за Радосната вест, па така, преку Светото Писмо сите народи да ја слушнат и да поверуваат. 27 На единствениот Бог, на Оној што е мудар, нека Му е слава преку Исус Христос во вечни времиња! Амин!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest