M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус пристигнува во Ерусалим: празникот Цветници
(Мт. 21:1-11; Лк. 19:28-40; Јвн. 12:12-19) 11 На пат кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици пристигнаа во Бетфага и Бетанија, во близина на Маслиновата Гора. 2 Исус испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во селото што е пред вас. На самиот влез во селото ќе видите врзано едно младо магаре што досега не е јавано. Одврзете го и донесете го овде. 3 Ако некој ве праша: ,Што правите?‘, кажете му: ,Му треба на Господ, и Тој бргу ќе го врати!‘“ 4 Тие отидоа и го најдоа магаренцето врзано до една врата, покрај патот, и го одврзаа. 5 Некои од луѓето што стоеја таму, ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето!?“ 6 Им одговорија како што им рече Исус и тие ги оставија на мира.
7 Учениците Му го донесоа магаренцето на Исус, ги положија своите облеки врз магарето, а Тој се качи на него. 8 Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето.
9 Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега[a]! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! 10 Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
11 Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија.
Исус ја проколнува неплодната смоква
(Мт. 21:18-19) 12 Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне. 13 Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви. 14 Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.
Исус го расчистува Храмот
(Мт. 21:12-17; Лк. 19:45-48; Јвн. 2:13-22) 15 Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби. 16 Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот. 17 Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи[b]!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
18 Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.
19 Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот.
Поука од смоквата и моќта на молитвата
(Мт. 21:20-22) 20 Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила. 21 Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“
22 Исус им рече: „Имајте вера во Бог! 23 Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи. 24 Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера. 25 Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“ 26 [c]
Прашање за авторитетот на Исус
(Мт. 21:23
-27; Лк. 20:1-8) 27 Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините 28 и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“
29 Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова. 30 Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога[d] или од луѓето?“ 31 Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“ 32 Ако пак речеме „од луѓето“, се плашиме од народот, зашто сиот народ го смета Јована за пророк. 33 Затоа вака Му одговорија на Исус: „Не знаеме!“ Но Исус им рече: „Тогаш ни Јас нема да ви кажам со какво право го вршам сето ова!“
Не се отфрлени сите Израелци
11 Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин. 2 Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи:
3 „Господе! Тие ги убија Твоите пророци,
ги разурнаа Твоите жртвеници!
Само јас останав,
а и мене ме бараат за да ме убијат[a]!“
4 Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал[b]!“
5 Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има[c] верни, избрани по Божја милост. 6 Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок!
7 Заклучокот е дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа тврдоглаво непослушни, 8 За нив во Светото Писмо е напишано:
„Бог ги препушти на нивното мртвило:
очите да не им гледаат,
ушите да не им слушаат,
и такви се се до ден денешен[d].“
9 За истата работа зборува и Давид, кога вели:
„Нивната трпеза во замка да им се претвори,
мрежа во која ќе се уловат,
казна што ја заслужуваат!
10 Очите нека им се помрачат, за да не гледаат
и довека грбави да одат[e]!“
Непослушноста на Израелците
- можност за другите народи 11 Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност. 12 Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!?
13 Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам. 14 Можеби така ќе предизвикам љубомора кај моите сонародници, Евреите, па и од нив некој да се спаси. 15 Зашто, ако Бог им го понуди спасението на другите народи откако Евреите го отфрлија, што ли ќе биде кога и тие ќе го прифатат!? Тоа ќе значи оживување на оние што дотогаш биле мртви! 16 Ако почетното тесто е свето, свети ќе бидат сите лебови месени од него[f]. Ако коренот е свет, свети ќе бидат и гранките.
17 Вие сте како гранки од дива маслинка, накалемени на питомо дрво. Некои гранки беа откршени, а вие го зазедовте нивното место и сега заедно ги уживате благодатите од сочниот корен на питомата маслинка. 18 Немојте да мислите дека вие сте подобри од гранките што беа откршени! Не заборавајте дека не сте вие тие што го одржуваат коренот, туку тој вас ве одржува во живот!
19 Можеби ќе речете: „Тие гранки беа откршени за да направат место за нас!“ 20 Тоа е вистина. Тие беа откршени бидејќи не Му веруваа на Бог, а вие го зазедовте нивното место затоа што Му верувате. Затоа, немојте да бидете горделиви, туку имајте страхопочит. 21 Зашто, ако Бог не ги поштеди првобитните, природни гранки, ни вас нема да ве штеди!
22 Забележете колку добар, но и колку строг може да биде Бог. Строг спрема оние што Му откажуваат послушност, а добар спрема вас, доколку останете приврзани спрема Неговата благонаклоност. Во спротивно, и вие ќе бидете отсечени! 23 Ако Евреите се одвратат од своето неверување, Бог повторно ќе ги накалеми на нивното поранешно место. Бог е способен да го стори тоа.
24 Зашто, кога Бог може вас, кои бевте отсечени од дива маслинка и, наспроти она што е природно, да ве накалеми на питомата маслинка, колку полесно ќе може одново да ги накалеми гранките што природно му припаѓаат на питомото дрво!
Израелците не се вечно отфрлени
25 Драги пријатели христијани, сакам да ја разберете оваа тајна, за да не ве фати горделивост, па да почнете да се фалите дека сте многу мудри! Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае се додека не се пополни бројот од другите народи што ќе дојдат кај Христос. 26 Тогаш сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото Писмо:
„Избавителот ќе дојде од Ерусалим[g]
и ќе ги обрати Израелците[h]
од сета нивна безбожност.
27 Така Јас ќе го исполнам Мојот завет спрема нив
и ќе ги отстранам нивните гревови[i].“
28 Поголемиот број од Израелците се непријатели на Радосната вест, но тоа испадна за ваша полза, вие да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака заради нивните предци. 29 А Бог не си ги зема назад даровите што ги дал, и кога некого ќе одбере, не се предомислува. 30 Порано и вие Му бевте непослушни на Бог. Но откако Евреите ја одбија милоста што Бог им ја понуди, Тој ја пренасочи Својата милост кон вас. 31 Сега, кога тие Му се непослушни на Бог, Тој ја насочува Својата милост спрема вас. Но, еден ден и тие ќе учествуваат во Божјата милост. 32 За извесно време Бог ги остава сите луѓе во затворот на нивната непослушност, за потоа спрема сите да покаже милост.
33 О колкава длабочина и богатство има во
мудроста и знаењето на Бог!
Колку тешко можеме да ги сфатиме
Неговите одлуки и начинот на кој Тој дејствува!
34 „Кој може да знае што мисли Господ?
Кој има толкаво знаење за да Му биде советник[j]?“
35 „Кој Нему нешто Му дал,
па да очекува да му биде вратено[k]?“
36 Се доаѓа од Него и се се одржува во живот преку Него. Се е Негово. Нему нека Му е слава во вечни времиња! Амин.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest