M’Cheyne Bible Reading Plan
Прашања за саботата
(Матеј 12:1-8; Марко 2:23-28) 6 Една сабота, кога Исус минуваше низ нивите, Неговите ученици кинеа клавчиња, ги триеја со раце и ги јадеа. 2 Некои од фарисеите ги прекорија, велејќи им: „Зошто го правите тоа што не е дозволено да се прави во сабота?“ 3 На ова, Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите придружници кога огладнеа, 4 и како тој влезе во Божјиот Дом, па тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб[a], од кој само свештениците смееја да јадат? 5 Јас, Синот Човечки[b], Сум Господар и над саботата“ - заклучи Исус.
Исус исцелува во сабота
(Матеј 12:9-14; Марко 3:1-6) 6 Една друга сабота, Исус влезе да поучува во синагогата[c]. Таму имаше еден човек со парализирана десна рака. 7 Вероучителите и фарисеите[d] Го набљудуваа со намера да Го обвинат, доколку изврши исцелување во сабота. 8 А Исус, знаејќи им ги мислите, му се обрати на човекот со парализираната рака: „Стани и застани пред сите!“ Тој стана и застана. 9 Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спасуваат животи, или да се уништуваат?“ 10 Потоа прошета со погледот од човек до човек и му се обрати на болниот: „Испружи ја раката!“ Тој го стори тоа и раката веднаш му оздраве. 11 А противниците збеснаа и почнаа да се договараат што да Му направат на Исус.
Исус ги назначува Своите дванаесет апостоли
(Матеј 10:1-4; Марко 3:13-19) 12 Во тоа време Исус отиде на блиската гора да се моли. Цела ноќ Му се молеше на Бог. 13 На разденување ги повика кај Себе сите Свои ученици, одбра дванаесет од нив и ги наименува за Свои апостоли[e]. 14 Тоа се: Симон, кого Тој го нарече Петар, и неговиот брат Андреј; Јаков и Јован; Филип и Бартоломеј; 15 Матеј и Тома; Јаков Алфеев и Симон, наречен ,Патриот[f]‘, 16 Јуда - братот на Јаков и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник.
17 На слегување од гората, Исус и Неговите ученици застанаа на една висорамнина. Присутни беа голем број Негови ученици, и многуброен народ од цела Јудеја, од Ерусалим, па дури и од северните приморски предели околу градовите Тир и Сидон, 18 кои беа дошле да Го слушаат и да бидат исцелени од своите болести. Исус исцелуваше и луѓе кои страдаа од демонски духови. 19 Сиот народ настојуваше да Го допре Исуса, зашто од Него излегуваше сила која ги исцелуваше сите.
Говорот за блаженствата
(Матеј 5:1-12) 20 Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече:
„Благословени сте вие што сте сиромашни[g], зашто вам ви припаѓа Божјото царство!
21 Благословени сте вие што сте гладни[h] сега, зашто вие ќе се наситите!
Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете!
22 Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки[i]. 23 Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците.
24 Но тешко вам кои сега сте богати -
вашата утеха е само на овој свет!
25 Тешко вам кои сега сте сити -
вие ќе гладувате!
Тешко вам кои сега се смеете -
вие ќе тагувате и ќе плачете!
26 Тешко вам кои толпите ве фалат -
така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“
Љубов и спрема непријателите
(Матеј 5:38-48; 7:12а) 27 „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат! 28 Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат. 29 На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата! 30 На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати! 31 Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!
32 Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! 33 И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! 34 И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! 35 Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. 36 Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“
Бидете добри и самокритични
(Матеј 7:1-5) 37 „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! 38 Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“
39 Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама?
40 Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител.
41 Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!? 42 Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“
Според дрвото
- и плодовите! (Матеј 7:16-20; 12:33-35) 43 „Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови. 44 Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка. 45 Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“
Дела, а не само зборови
(Матеј 7:24-27) 46 „Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам? 47 Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови: 48 Тој може да се спореди со ѕидар што гради куќа, копа длабоко и ги поставува темелите врз камена подлога. Кога ќе надојде поплава и реката силно ќе нагрвали врз куќата, не ќе може да ја поткопа, зашто куќата е добро изградена. 49 А оној што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува, може да се спореди со ѕидар што си подига куќа врз земја, без темели. Кога реката ќе нагрвали врз куќата - таа наеднаш ќе падне, со стравотен тресок!“
ОДГОВОРИ НА НЕКОЛКУ ПРАШАЊА
1) За бракот и брачните односи
7 А сега да ви одговорам на прашањата што ми ги поставивте во вашето писмо. Прво: Да, добро е човек да не се жени[a]. 2 Но, поради опасност од блудства, секој маж треба да има своја жена и секоја жена свој маж.
3 Мажот нека ги исполнува брачните должности спрема својата сопруга, а исто така и жената спрема својот сопруг. 4 Телото на жената не е само нејзино, туку му припаѓа и на нејзиниот сопруг. Исто така и телото на мажот не е само негово, туку и на неговата сопруга. 5 Затоа, не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение Сатаната, користејќи ја вашата невоздржливост.
6 Ова ви го кажувам како нешто што е дозволено, а не како заповед. 7 Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец.
8 На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас. 9 Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив.
10 На оние што се во брак им заповедам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ[b]. Жената нека не се разведува од својот сопруг. 11 Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги.
12 На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава. 13 Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава, 14 бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети[c].
15 Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир. 16 Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете[d] да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?
17 Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви. 18 На пример, ако некој, пред да биде повикан да поверува, веќе бил обрежан, нека не го крие тоа. Ако не бил обрежан, нека не се обрежува. 19 Дали човек е обрежан или не, воопшто не е важно. Важно е да живееме според Божјите заповеди.
20 Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал. 21 Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја. 22 А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос. 23 Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате! 24 Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив.
2) За девојките и за (не)стапување во брак
25 За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност. 26 Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат. 27 Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак. 28 Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам.
29 Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не. 30 Наскоро ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не, 31 дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема. 32 Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ, 33 а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да и угоди и на својата сопруга. 34 Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг. 35 Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание.
36 Ако некој има девојка[e] во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев! 37 Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик[f]. И во тој случај добро ќе направи. 38 Значи, сосема е во ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец.
39 Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг се додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ[g]. 40 Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest