M’Cheyne Bible Reading Plan
Марија оди во посета кај Елисавета
39 Набргу потоа, Марија побрза кон еден град во планинските предели на Јудеја[a]. 40 Влегувајќи во куќата на Захарија, се поздрави со Елисавета. 41 Штом Елисавета го чу поздравот на Марија, детето во нејзината утроба се размрда. Елисавета се исполни со Светиот Дух, 42 и гласно рече: „Ти си најблагословена од сите жени и благословено е Детето што е зачнато во тебе! 43 Како токму кај мене да дојде мајката на мојот Господ!? 44 Штом го чув твојот поздрав, детево во мојава утроба се размрда од радост! 45 Благословена си, зашто поверува дека ќе се исполни тоа што Господ го кажал!“
Песната на Марија
46 Марија рече:
„Душава моја Го слави Господа;
47 извикува од радост мојот дух,
заради Бог, мојот Спасител,
48 Кој милозливо си спомна за мене,
Неговата ништожна слугинка!
Ете, отсега сите поколенија
ќе ме нарекуваат ,Благословена‘,
49 зашто големи нешта направи Семоќниот
за мене. Свето е Неговото Име,
50 и милосрдието Негово спрема оние
што Го почитуваат продолжува
од поколение во поколение.
51 Тој ја испружи Својата моќна рака
и ги уништи оние што длабоко во себе
се гордееја со своите мисли.
52 Ги симна од власт владетелите,
а ги возвиши понизните,
53 ги насити гладните со благо,
а богатите ги испрати со празни раце.
54 Му дојде на помош
на Својот слуга Израел,
припомнувајќи си за милоста
55 што им ја вети на нашите предци,
за Авраам и за неговото потомство, довека!“
56 Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома.
Раѓањето на Јован Крстител
57 Дојде време Елисавета да се породи и таа роди син. 58 Кога нејзините соседи и роднини видоа дека Господ покажа кон неа голема благонаклоност, заедно со неа се радуваа и тие.
59 На осмиот ден по раѓањето го донесоа детето да го обрежат[b] и сакаа да му дадат име Захарија, според името на татко му. 60 Но мајка му рече: „Не, туку ќе се вика Јован[c]!“ 61 Тие и велеа: „Па никој од твоите роднини не се вика така!“ 62 Потоа преку знаци го прашаа таткото, како сака да се вика детето. 63 Захарија побара една плоча за пишување и напиша: „Ќе се вика Јован!“ Сите беа изненадени. 64 Во истиот миг, му се врати говорот на Захарија и тој почна да Го слави Бога. 65 По ова страв завладеа меѓу луѓето во тој крај, а за овие случки се расправаше по сиот планински предел на Јудеја. 66 Сите што ќе слушнеа за ова размислуваа и се прашуваа: „Што ли ќе биде од ова дете!?“, зашто беше очигледно дека со него беше силата Господова.
Песната и пророштвото на Захарија
67 Тогаш Захарија, таткото на Јован (Крстител), се исполни со Свет Дух и го изрече ова пророштво:
68 Слава нека Му е на Господ,
Израеловиот Бог,
Кој му дојде на помош
на Својот народ и го избави!
69 Тој ни подигна моќен Избавител
од потомците на Својот слуга Давид.
70 Како што одамна ни беше ветил,
преку устите на Своите пророци,
71 дека ќе нe спаси од нашите непријатели
и од рацете на оние што нe мразат,
72 дека ќе им се смилува на нашите предци
и ќе Си спомне за Својот свет Завет.
73 Тој со заклетва му вети
на нашиот прататко Авраам
74 дека ќе нe избави од нашите непријатели
и ќе ни овозможи да Му служиме на Бога без страв,
75 за да бидеме свети и праведни пред Него
во текот на целиот наш живот.
76 А ти, сине мој, ќе бидеш наречен
пророк на Севишниот.
Ќе Му бидеш претходница на Господ
и ќе Му го подготвиш патот,
77 објаснувајќи им го на луѓето спасението
што доаѓа преку простување на гревовите,
78 благодарение на милосрдното срце
на нашиот Бог, преку Кој
ќе нe огрее Сонце од небото,
79 Кое ќе ги осветли сите
што живеат во мракот на смртната сенка,
и ќе ни ги насочи чекорите кон патот на мирот!“
80 Детето растеше и се развиваше духовно. Живееше во пустината сe до денот кога ја започна својата јавна мисија меѓу Израелците.
Мудроста што ја проповедал апостол Павле
2 Драги пријатели, кога дојдов кај вас да ви ја проповедам Божјата порака[a], јас не се служев со висок стил на зборување или со мудрување. 2 Сметав дека меѓу вас не треба да ги истакнувам моите сестрани познавања, туку да ви проповедам само за Исус Христос и за Неговото распнување на крстот.
3 Веројатно ви изгледав слаб, исплашен и растреперен. 4 Она што ви го зборував и проповедав не се состоеше од мудро составени говори за да ве убедам, туку Светиот Дух ја покажа Својата сила меѓу вас. 5 Постапив така за да се здобиете со вера втемелена на Божјата сила, а не на човечка мудрост.
6 Се разбира, кога сме меѓу зрели христијани, знаеме да одржуваме и мудри говори. Но тоа не е мудрост што произлегува од овој свет или мудрост што ги привлекува владетелите на овој свет, кои кратко траат. 7 Ние ја проповедаме Божјата таинствена мудрост која порано беше скриена, но Бог уште одамна ја беше предопределил во вечноста нам да ни донесе слава. 8 За жал, никој од денешните владетели не ја разбра, зашто да ја беа разбрале немаше да го распнат нашиот величествен Господ. 9 Ние го проповедаме она што во Светото Писмо е опишано вака:
„Око човечко не видело,
уво човечко не слушнало,
ниту пак човечкиот ум можел да го замисли
тоа што Бог го има приготвено за оние што Го сакаат[b].“
10 А нам Бог ни го има откриено тоа преку Својот Дух. Божјиот Дух знае се, вклучувајќи го и она што е длабоко во Божјиот ум. 11 Зашто, како што ниеден човек не може да му ги знае мислите на друг човек, освен неговиот сопствен дух, така никој не може да ги знае Божјите мисли, освен Божјиот Дух. 12 А Бог ни Го даде токму Својот Дух (не духот на овој свет), за да ги знаеме сите работи што ни ги подарил Тој.
13 Кога ви зборуваме за овие работи, ние не користиме зборови на човечка мудрост, туку зборови што ни се дадени од Божјиот Дух, Кој духовните работи ги објаснува со духовен речник[c].
14 Луѓето кои не се препородени од Божјиот Дух не можат да ги разберат вистините што доаѓаат од Божјиот Дух, и затоа не ги прифаќаат. Ним сето тоа им изгледа неразбирливо, а тоа е затоа што духовните работи можат да се разберат само со помош на Божјиот Дух. 15 А луѓето кои се препородени од Божјиот Дух се способни се да разберат, иако самите нив другите луѓе не можат да ги разберат. 16 Како што рекол пророкот Исаија:
„Кој ги знае мислите на Господ?
Кој Му е советник на Господ[d]?“
А нам ни е даден Христовиот ум и затоа можеме да ги разбереме овие работи.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest