New Testament in a Year
Помазанието на Исус
(Мaтej 26:6-13; Марко 14:3-9) 12 Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите. 2 Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус. 3 Тогаш Марија зеде половина литар[a] чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот.
4 Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече:
5 „Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии[b], а парите да им се разделат на сиромасите!“ 6 Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него.
7 „Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб. 8 Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“
Завера и против Лазар
9 Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите. 10 Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара, 11 бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус.
Свеченото влегување во Ерусалим (Цветници)
(Матеј 21:1-11; Марко 11:1-11; Лука 19:28-40) 12 Следниот ден многубројниот народ што беше дошол на празникот разбра дека Исус доаѓа во Ерусалим. 13 Луѓето зедоа палмови гранчиња, па излегоа да Го пречекаат, извикувајќи: „Спаси не сега[c]! Благословен е Тој што доаѓа во името на Господ! Благословен да е Царот[d] на Израел!“
14 Исус најде едно младо магаре и се качи на него, токму како што беше претскажано во Светото Писмо:
15 „Не плаши се, ерусалимски[e] народе! Погледни! Царот твој доаѓа, јавајќи на младо магаре[f]!“
16 Во почетокот Неговите ученици не сфатија дека ова беше исполнување на пророштвото, но кога Исус се прослави[g], тогаш си спомнаа дека ова беше претскажано за Него и дека тие беа учесници и очевидци.
17 А народот што беше со Исус кога Тој го повика Лазара од гробот и го оживе од мртвите продолжуваше да раскажува насекаде за таа случка. 18 Како резултат на тоа, многуброен народ излезе да Го пречека, откако слушна дека Тој го направил ова чудо. 19 Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“
20 А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. 21 Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ 22 Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус.
23 Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава.
24 Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. 25 Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази[h] да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. 26 Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest