New Testament in a Year
Исус претскажува дека Петар ќе Го изневери
(Матеј 26:31-35; Марко 14:27-31; Јован 13:36-38) 31 Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата. 32 А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“
33 Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“ 34 Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“
35 Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“ 36 Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч. 37 Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано[a] во Светото Писмо:
„Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега.
38 Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“
Исусовата агонија и молитва на Маслиновата Гора
(Матеј 26:36-46; Марко 32-42) 39 Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици. 40 Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“ 41 А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли:
42 „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“ 43 Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше. 44 Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв[b].
45 Станувајќи од молитва, Тој се врати кај Своите ученици и ги затекна заспани, премалени од големата тага. 46 Па им рече: „Зошто спиете!? Станете и молете се за да не потклекнете пред искушението!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest