New Testament in a Year
28 Додека поучуваше во храмот, Исус извика:
„Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. 29 А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“
30 Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи[a] за тоа. 31 Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“
Потера за апсење на Исус
32 Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари[b] за да Го уапсат Исуса.
33 Но Исус им рече:
„Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати. 34 Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“
35 Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг:
„Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците? 36 Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“
37 А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие! 38 Како што вели Светото Писмо[c]: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“ 39 (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)
Поделба меѓу луѓето
40 Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк[d]!“
41 Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!? 42 Зарем Светото Писмо не вели дека Месијата ќе дојде од поколението на Давид и од родниот град[e] на Давид?“ 43 Така настана поделба меѓу луѓето во однос на Исус. 44 Некои од нив сакаа да Го уапсат, но никој не посегна по Него.
Неверни верски водачи
45 Стражарите, пак, се вратија кај свештеничките поглавари и кај фарисеите, а тие ги запрашаа: „Зошто не Го уапсивте?“
46 „Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој Човек!“ - одговорија стражарите.
47 Фарисеите, пак, им рекоа: „Да не се прелажавте и вие? 48 Не гледате ли дека никој од старешините и од фарисеите не верува во Него!? 49 Но овој проклет[f] народ, кој не го знае Мојсеевиот Закон, се заведува по Него!“
50 Меѓу фарисеите беше и Никодим[g], кој порано беше Го посетил Исуса; тој им рече: 51 „Нашиот закон не дозволува некој да биде осуден, без претходно да биде сослушан и да се дознае што направил!“
52 Тие, пак, му одговорија: „И ти ли си од Галилеја!? Проучи ги светите писма и увери се дека никаков пророк[h] нема да дојде од Галилеја!“
53 Потоа[i] тие се разотидоа, секој во својот дом.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest