New Testament in a Year
Исус го воскреснува Својот пријател Лазар
11 Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта. 2 (Тоа беше онаа Марија што подоцна Го помаза Господа со скапоцен парфем и Му ги избриша стапалата со својата коса; нејзиниот брат, Лазар, беше тој што се разболе.) 3 Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус:
„Господе, твојот драг пријател се разболе!“
4 Штом го слушна тоа, Исус рече: „Оваа болест на Лазар не е за тој да умре, туку за да Му донесе слава на Бог и за да се прослави Божјиот Син преку неа.“ 5 (Исус многу ги сакаше Марта,
нејзината сестра и нивниот брат Лазар.) 6 Сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше.
7 Потоа им рече на Своите ученици: „Ајде сега да се вратиме во Јудеја!“
8 „Учителе!“ - Му рекоа учениците - „Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?“
9 Исус им одговори: „Денот[a] има дванаесет часа, нели? Тој што оди дење не се сопнува, бидејќи пред себе ја има дневната светлина. 10 Ако човек оди ноќе тој се сопнува, бидејќи пред себе нема светлина.“
11 Откако го рече ова, Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“
12 „Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“ 13 (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.)
14 Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре. 15 Мило ми е што Јас не бев таму, зашто сега ќе добиете уште една можност да поверувате. Но, ајде да одиме кај него.“
16 Во тој момент, Тома, кого го викаа Близнак[b], им рече на учениците: „Да одиме со Учителот и ние да умреме со Него!“
Исус
- воскресение и живот 17 Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. 18 Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри[c]. 19 Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат. 20 Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома.
21 Марта Му рече на Исус: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! 22 Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“
23 „Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус.
24 Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“
25 Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! 26 Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“
27 „Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“
Исус просолзува
28 Откако го рече ова, Марта си замина и кришум ја повика својата сестра Марија, па и соопшти: „Учителот е овде и те вика!“ 29 Штом го слушна тоа, Марија бргу стана и Му појде во пресрет.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest