New Testament in a Year
Верата на еден римски офицер
(Матеј 8:5-13) 7 Кога Исус го заврши Своето излагање пред народот, замина во Кафарнаум. 2 Таму, еден римски офицер имаше слуга што му беше многу драг, а беше тешко болен, на умирање. 3 Кога офицерот разбра за Исус, испрати кај Него неколку еврејски старешини, молејќи Го да дојде и да го исцели слугата. 4 Тие дојдоа кај Исуса и почнаа мошне сесрдно да Го молат, велејќи: „Овој човек заслужува да му излезеш во пресрет. 5 Тој го сака нашиот народ и ни изгради синагога[a].“
6 Исус тргна со нив. Кога наближи до куќата, офицерот испрати луѓе да Му порачаат: „Господине, не труди се понатаму, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив, 7 ниту пак сум достоен да дојдам кај Тебе. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави! 8 Зашто и јас сум човек што се потчинува на наредби, а имам и власт да им издавам наредби на војниците. Кога на еден ќе му речам ,Оди!‘ - тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘, и тој доаѓа. На мојот слуга ќе му речам ,Стори го тоа!‘, и тој го извршува.“ 9 Кога го чу ова, Исус се воодушеви и на народот што одеше по Него му рече: „Навистина, кај никого во Израел не видов толку голема вера!“ 10 Кога оние што беа испратени се вратија дома, го најдоа слугата наполно здрав.
Воскреснување на момчето од Наин
11 Набргу потоа, Исус отиде во градот Наин[b]. Заедно со Него беа Неговите ученици и многуброен народ. 12 Штом се приближи до градските порти, пресретна погребна поворка; беше починал синот-единец на една вдовица. Во поворката имаше многу луѓе од градот. 13 Кога Господ ја забележа вдовицата, се сожали, и и рече: „Не плачи!“ 14 Потоа пријде до ковчегот и го допре. Луѓето што го носеа, застанаа, а Исус рече: „Момче, ти заповедам да станеш!“ 15 Покојникот стана и почна да зборува, а Исус и го предаде на мајката. 16 Страв ги обзеде сите и Му оддаваа слава на Бог, велејќи: „Голем пророк се појави меѓу нас! Бог дојде за да го спаси Својот народ!“ 17 Оваа вест за Исус се разнесе по цела Јудеја и по целата околина.
Пратениците на Јован Крстител
(Матеј 11:2-19) 18 За сето ова што го правеше Исус, Јован Крстител беше известен од своите ученици. 19 Тој повика двајца од нив и ги испрати кај Господ, за да Го прашаат: ,Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или друг да чекаме?‘ 20 Доаѓајќи кај Исус, тие Му рекоа: „Јован Крстител нe испрати кај Тебе, за да Те прашаме дали си Ти Месијата што треба да дојде, или друг да очекуваме?“ 21 Токму тогаш Исус исцелуваше многу луѓе од нивните болести, заболувања и од демонски духови, а и на голем број слепи им ги отвораше очите. 22 Исус им одговори на Јовановите пратеници: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го гледате и слушате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосна вест[c]! 23 Благословени се оние што не се колебаат во однос на Мене!“
24 Штом Јовановите пратеници си заминаа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Кога одевте кај Јована, во пустината, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? 25 Што излеговте да видите: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! 26 Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви велам, видовте и повеќе од пророк! 27 Зашто, Јован е тој за кого Бог во Светото Писмо вели[d]: ,Еве, испраќам Свој гласник, како претходница за Тебе; тој ќе го подготви патот пред Тебе.‘
28 Ви велам дека меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител, но и покрај тоа, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“
29 Сиот народ што го слушаше - вклучувајќи ги и собирачите на данок[e] - Му се покоруваа на ова Божјо барање и се крштаваа кај Јован Крстител. 30 Само фарисеите и вероучителите[f] го отфрлија Божјиот план, кој беше за нивно добро, и одбија да се крстат кај Јован.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest