Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Лука 9:18-36

Петар Го препознава Исуса како Месија

(Матеј 16:13-19; Марко 8:27-29) 18 Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“ 19 Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“ 20 „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата[a] испратен од Бог!“

Исус првпат ја најавува Својата смрт

(Матеј 16:20-28; Марко 8:30-9:1) 21 Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому. 22 Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки[b], мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден.

Да се биде христијанин има своја цена

23 Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки. 24 Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси.

25 Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти? 26 Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели. 27 Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“

Исусовото физичко преобразување на планината

(Матеј 17:1-8; Марко 9:2-8) 28 По околу една седмица откако ги изговори овие зборови, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и се искачи на планината, за да се моли. 29 Додека се молеше, лицето Му се преобрази и облеката Му стана блескаво бела. 30 Наеднаш, во Негова придружба се најдоа двајца мажи кои разговараа со Него. Тоа беа Мојсеј и пророкот Илија. 31 Нивниот изглед беше величествен и тие разговараа со Исус за смртта што Го очекуваше во Ерусалим. 32 Петар и неговите другари ги беше совладал сон, но кога се разбудија Го видоа Исуса во величествен изглед, како и двајцата што стоеја со Него. 33 Додека Мојсеј и Илија се разделуваа од Исус, Петар проговори, во отсуство на присебност: „Господару! Колку ни е убаво овде! Ајде да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“ 34 Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија, 35 а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“ 36 Кога се чу гласот, Исус веќе беше останал Сам. Учениците молчеа за ова и во тоа време никому не му кажуваа за тоа што го беа виделе.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest