New Testament in a Year
Исус во домот на Закеј
19 Исус влезе во Јерихо и мина низ градот. 2 Одеднаш, Му пристапи еден човек, по име Закеј[a], кој беше богат даночен управник. 3 Тој се обидуваше да види како изгледа Исус, но беше низок по раст и од многубројниот народ не можеше да Го види. 4 Затоа, тој истрча пред народот и се искачи на една дива смоква крај која требаше да помине Исус, за да Го види.
5 Кога Исус втаса до тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закеј! Слези брзо! Денес доаѓам во твојот дом!“ 6 Закеј бргу слезе и сиот радосен Го прими Исуса на гости во својот дом. 7 Сите што го видоа ова, почнаа да негодуваат, велејќи: „Отиде на гости кај грешен човек!“
8 Закеј стана и Му рече на Господ Исус: „Господе! Еве, половината од мојот имот ќе им ја разделам на сиромасите, а доколку некого сум оштетил ќе му надоместам четирикратно!“ 9 Во одговор, Исус рече: „Денес во овој дом пристигна спасението; зашто овој човек покажа дека е чедо Авраамово.
10 А Јас, Синот Човечки[b], дојдов за да ги барам и да ги спасам оние што се загубени.“
Споредба со десеттемина царски слуги
(Матеј 25:14-30) 11 Додека народот го слушаше ова излагање, Исус во продолжение им раскажа уште една споредба. Причината беше тоа што луѓето мислеа дека сега ќе биде воспоставено Божјото царство, бидејќи Исус веќе се приближуваше кон Ерусалим. 12 Тој им рече:
„Еден човек, од благородничко потекло, се упати во една далечна земја, каде што требаше да биде прогласен за цар, а потоа планираше да се врати. 13 Пред да замине, тој ги повика своите десет слуги, им даде десет големи сребреници[c], па им рече: ,Тргувајте со овие пари додека се вратам.‘ 14 Неговите сограѓани го мразеа овој човек и по него испратија гласници да порачаат: ,Не сакаме тој да царува над нас!‘
15 Човекот сепак беше прогласен за цар и се врати во својот крај. Веднаш заповеда да ги повикаат слугите на кои им ги беше дал парите, за да чуе кој колку спечалил. 16 Дојде првиот и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште десет сребреници!‘ 17 Господарот му одговори: ,Одлично! Ти си добар слуга! И бидејќи ја оправда довербата во оваа мала задача, еве, те поставувам за управител над десет градови!‘
18 Дојде вториот слуга и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште пет сребреници!‘ 19 Господарот и нему му одговори: ,Тебе те поставувам за управител над пет градови!‘
20 Дојде и третиот слуга и рече: ,Господару! Еве ти го назад твојот сребреник. Го чував врзан во шамиче, 21 зашто се плашев од тебе, знаејќи дека си строг човек: земаш откаде што не си вложил и жнееш каде што не си сеел!‘ 22 Но Господарот му рече: ,Расипан слуго! Твоите зборови ќе ги искористам за да те осудам! Кога си знаел дека сум строг човек и дека земам откаде што не сум вложил и жнеам каде што не сум сеел, 23 зошто не го вложи мојот сребреник во некоја банка, па кога ќе се вратев, ќе си го подигнев со камата!?‘ 24 Потоа, господарот им рече на оние околу него: ,Земете го сребреникот од него и дајте му го на оној што има десет сребреници!‘ 25 Тие му рекоа: ,Господару, тој веќе има десет сребреници!‘ 26 Но тој им одговори: ,Ве уверувам, дека, на оној што веќе има спечалено нешто, ќе му се даде уште, а од оној што нема спечалено ништо, ќе му се одземе и тоа што го има!
27 А сега, доведете ги и погубете ги пред мене сите мои непријатели, кои се противеа на моето царување над нив!‘“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest