New Testament in a Year
12 Кога се насобра многуброен народ, така што луѓето едни на други си ги газеа стапалата, Исус најпрво им се обрати на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец, односно, од нивното лицемерство! 2 Сe што е прикриено, ќе биде откриено и секоја тајна ќе биде јавно изнесена. 3 Сe што сте кажале во темнина, ќе излезе на виделина, и тоа што сте го шепотеле во собите, ќе се разгласува од покривите!“
Од кого да (не) се плашиме
(Матеј 10:28-31) 4 „Ви велам, пријатели мои: не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а потоа не можат ништо повеќе! 5 Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите!
6 Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог! 7 А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“
Неопходно е јавно исповедање на верата во Христос
(Матеј 10:32-33; 12:32; 10:19-20) 8 „Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели! 9 Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели.
10 На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува[a] Светиот Дух - нема да му биде простено!
11 Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате, 12 зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“
Споредба со безумниот богатник: не заборавај ја вечноста!
13 Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“ 14 А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“ 15 Потоа им се обрати на сите: „Внимавајте и пазете се од секаков вид лакомство, зашто ни на оној што е многу богат, животот не му е сигурен само затоа што е богат!“
16 Потоа им ја кажа следнава споредба:
„Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род. 17 Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘ 18 Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство. 19 Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘ 20 Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘ 21 Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус.
Пазете се од прекумерни грижи
(Матеј 6:25-34) 22 Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна. 23 Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката. 24 Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! 25 Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи? 26 Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!?
27 Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив! 28 Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате!
29 Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа! 30 Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. 31 Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest