Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Лука 11:1-28

За молитвата

(Матеј 6:9-13; 7:7-11) 11 Еднаш, Исус се молеше на едно место, па кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, научи нe и нас како да се молиме, како што Јован Крстител ги научи своите ученици.“ Исус им рече: „Кога се молите, молете се вака:

Небесен Татко:

нека се почитува Твоето свето име,

нека дојде Твоето Царство.

Давај ни ја секојдневно храната што ни е потребна.

Простувај ни ги гревовите,

како што и ние им ги простуваме

на нашите должници.

Не оставај да им потклекнеме на искушенијата[a].“

Потоа Исус продолжи: „Замислете си дека некој од вас оди на полноќ кај својот пријател и му вели: ,Пријателе, позајми ми три парчиња леб, зашто од пат ми дојде еден пријател, а јас немам што да му принесам за јадење.‘ Замислете вашиот пријател однатре да ви довикне: ,Не додевај! Вратата ми е веќе заклучена, а и јас и децата сме веќе в постела. Не можам да станам и да ти дадам!‘ Ве уверувам, дека, ако не стане да ви даде затоа што ви е пријател, ќе стане и ќе ви даде сe што ви треба, за да си го зачува достоинството[b]!

Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено. 10 На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено. 11 Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!? 12 Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!? 13 Кога вие, кои сте лоши, знаете да им давате добри дарови на вашите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Го молат!?“

Исус е обвинет дека е ѓавол

(Матеј 12:22-30; Марко 3:20-27) 14 Еднаш Исус истера демонски дух од еден нем човек и кога демонскиот дух излезе, човекот проговори. Народот беше восхитен, 15 но некои луѓе зборуваа: „Тој ги изгонува демоните бидејќи Баалзибул[c] - поглаварот на демонските духови е во Него!“ 16 Други, пак, со цел да Го доведат во незгода, Му бараа знак од небото, 17 но Тој, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога. 18 Ако Сатаната е противник самиот на себе - бидејќи вие тврдите дека Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул - како може неговото царство да се одржува? 19 Ако Јас изгонувам демонски духови со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош ги изгонуваат оние што го прават тоа од вашиот сопствен род? Затоа тие ќе ви судат! 20 Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјата сила[d], тогаш тоа е доказ дека Божјото царство е дојдено кај вас! 21 Кога силниот[e], целосно вооружен, го чува својот дом, имотот му е безбеден. 22 Но, кога некој посилен од него ќе го нападне и совлада, тој му го одзема оружјето во кое се надевал и му го зема пленот.

23 Кој не е со Мене - тој е против Мене! Кој со Мене не собира - тој растура!“

Од лошо

- полошо! (Матеј 12:43-45) 24 „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој скита по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа. Тогаш ќе си рече: ,Да се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ 25 При враќањето забележува дека неговиот поранешен дом е исчистен и уреден, 26 па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што состојбата на човекот сега му е уште полоша од претходната!“

27 Додека Исус го кажуваше ова, од народот се огласи една жена, и рече: „Благословена е жената што Те родила и одгледала!“ 28 Тој и одговори: „Уште поблагословени се оние што ја слушаат Божјата порака и ја спроведуваат во дело!“

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest