Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Лука 20:27-47

За воскресението на мртвите

(Матеј 22:23-33; Марко 12: 18-27) 27 Тогаш на Исус Му пријдоа некои садукеи (тие не веруваат во воскресение на мртвите) и Го прашаа: 28 „Учителе! Мојсеј ни остави ваков пропис: Ако некој човек умре, оставајќи ја својата жена без пород, тогаш со неа нека се ожени братот на починатиот, за да му подигне пород кој ќе се смета за потомство на починатиот човек. 29 Си беа седуммина браќа. Најстариот се ожени и умре без да има деца. 30 Тогаш вториот по возраст брат ја зеде жената, 31 а по него и третиот, и така по ред - до седмиот. Сите тие умреа не оставајќи пород зад себе. 32 На крајот умре и жената. 33 Сега, чија жена ќе биде таа по воскресението, со оглед на тоа што им била жена на сите седуммина?“

34 Исус им одговори: „На овој свет мажите и жените стапуваат во брак, 35 додека оние што ќе бидат достојни за оној свет и за воскресението, ниту ќе бидат женети, ниту мажени. 36 Тие ќе бидат како ангели и ќе бидат бесмртни. Ќе бидат Божји чеда, бидејќи се чеда на воскресението. 37 А и Мојсеј јасно покажа дека мртвите воскреснуваат, кога во настанот со ,разгорената грмушка‘ Му се обрати на Господ со: ,Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ 38 Очигледно, Тој е Бог на живите, а не на мртвите, и за Него сите се живи!“ 39 На ова, некои од вероучителите Му рекоа: ,Добро им одговори, Учителе!‘ 40 И повеќе не се осмелија да Му поставуваат никакви прашања.

Потеклото на Месијата

(Матеј 22:41-46; Марко 12:35-37) 41 Исус ги запраша: „Како може да се смета дека Месијата е потомок на Давид? 42 Не вели ли самиот Давид, во книгата на Псалмите, вака:

,Јахве[a] Му рече на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, 43 додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘

44 Значи, Давид Го нарече Него ,Господ‘; како може, тогаш, Месијата да биде Давидов потомок?“

Исус ги критикува верските водачи

(Матеј 23:1-36; Марко 12:38-40) 45 Додека сиот народ Го слушаше, Исус им се обрати на Своите ученици: 46 „Чувајте се од вероучителите кои сакаат да шетаат во своите долги облеки и да бидат поздравувани на јавните места; да седат на челните места по синагогите и на почесните места на гозбите! 47 Тие ги искористуваат вдовиците и ги ограбуваат нивните домови, а потоа редат долги молитви! Затоа, тие ќе бидат посурово казнети!“

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest