Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Лука 6:27-49

Љубов и спрема непријателите

(Матеј 5:38-48; 7:12а) 27 „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат! 28 Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат. 29 На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата! 30 На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати! 31 Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!

32 Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! 33 И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! 34 И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! 35 Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. 36 Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“

Бидете добри и самокритични

(Матеј 7:1-5) 37 „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! 38 Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“

39 Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама?

40 Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител.

41 Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!? 42 Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“

Според дрвото

- и плодовите! (Матеј 7:16-20; 12:33-35) 43 „Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови. 44 Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка. 45 Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“

Дела, а не само зборови

(Матеј 7:24-27) 46 „Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам? 47 Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови: 48 Тој може да се спореди со ѕидар што гради куќа, копа длабоко и ги поставува темелите врз камена подлога. Кога ќе надојде поплава и реката силно ќе нагрвали врз куќата, не ќе може да ја поткопа, зашто куќата е добро изградена. 49 А оној што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува, може да се спореди со ѕидар што си подига куќа врз земја, без темели. Кога реката ќе нагрвали врз куќата - таа наеднаш ќе падне, со стравотен тресок!“

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest