New Testament in a Year
2 Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја.
2 Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. 3 Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло.
4 Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. 5 Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. 6 Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. 7 И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето.
Пастирите и ангелите
8 Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. 9 Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. 10 Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. 11 Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата[a], Господ. 12 Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“
13 Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи:
14 „Слава на Бог во небесата,
а на Земјата мир за луѓето
над кои почива Неговата благонаклоност[b]!“
15 Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“ 16 Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите. 17 Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето. 18 Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа, 19 а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив. 20 Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот.
Посветувањето на Исус во храмот
21 На осмиот ден, при обрежувањето, на Новороденчето Му беше дадено името Исус[c], како што Го беше нарекол ангелот уште пред да биде зачнат.
22 Кога помина времето на нивното исчистување, согласно со Мојсеевиот Закон, Јосиф и Марија Го донесоа Детето во Ерусалим за да Го посветат пред Господ, 23 како што е пропишано со Законот Господов: ,Секое првородено машко дете да Му биде посветено на Господ[d].‘ 24 Отидоа да принесат и жртва: две грлици или две гулапчиња, како што се бараше според Господовиот Закон[e].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest