New Testament in a Year
Исус ги повикува првите ученици
(Матеј 4:18-22; Марко 1:16-20) 5 Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро[a], а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака. 2 Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи. 3 Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон[b], и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот.
4 Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“ 5 Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“ 6 Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите. 7 Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа. 8 Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“ 9 Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби. 10 Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“ 11 Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.
Исцелување на еден лепрозен човек
(Матеј 8:1-4; Марко 1:40-45) 12 Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш[c]!“ 13 Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него. 14 Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите. 15 Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести. 16 Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest