New Testament in a Year
6) Петар се заветува на верност
(Мт. 26:31-35; Лк. 22:31-34; Јвн. 13:36-38) 27 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат[a]!‘ 28 Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“
29 Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“ 30 Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“ 31 „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици.
7) Исусовата молитва во Гетсемани
(Мт. 26:36-46; Лк. 22:39-46) 32 Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани[b] и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“ 33 Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован. 34 Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива!
Останете овде и бдејте со Мене!“ 35 Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања. 36 Се молеше вака: „Аба[c]! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров[d] начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“
37 Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час? 38 Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“
39 Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва. 40 Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат.
41 Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. 42 Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“
8) Апсењето на Исус
(Мт. 26:47-56; Лк. 22:47-53; Јвн. 18:3-12) 43 И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини. 44 Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“
45 Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж. 46 Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија.
47 Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. 48 А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови? 49 Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“
50 Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија. 51 По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело. 52 Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна.
9) Исус пред Врховниот совет
(Мт. 26:57-68; Лк. 22:54, 55, 63-71; Јвн. 18:13-14, 19-24) 53 Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest