New Testament in a Year
21 Пристигнувајќи во близина на Ерусалим, дојдоа во градот Бетфага, на Маслиновата Гора, откаде што Исус испрати двајца од Своите ученици, 2 порачувајќи им вака: „Отидете во селото пред вас; таму веднаш ќе најдете врзана магарица со нејзиното младо магаренце. Одврзете ги и доведете Ми ги овде. 3 Ако некој нешто ви приговори, кажете му дека му се потребни на Господарот[a] и тој веднаш ќе ги пушти.“ 4 Ова се случуваше за да се исполни претскажаното од пророкот Захарија:
5 „Порачајте му на Ерусалим[b]: Еве Го, иде Твојот цар,
понизно јавајќи на магарица и на магаренце -
рожбата на магарицата.“
6 Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус: 7 ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив. 8 Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот. 9 А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси не сега[c], Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси не сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
10 Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“
11 А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“
Исус го расчистува Храмот
(Мк. 11:15-19; Лк. 19:45-48; Јвн. 2:13-22) 12 Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби, 13 и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол:
,Мојот храм нека биде место за молитва[d].‘
А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
14 Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше. 15 Но свештеничките поглавари и вероучителите се разгневија кога ги видоа чудата што Исус ги правеше и радосните извици на децата во храмот кои извикуваа: „Спаси не сега[e], Давидов Сине!“ 16 И Му рекоа: „Слушаш ли што извикуваат децата!?“ А Исус им одговори: „Да! Зар во Псалмите не сте го читале ова: ,Усните на малите деца и на доенчињата ќе Ти оддаваат слава, Господе[f]!?‘“
17 Тогаш Исус ги остави и излегувајќи од градот дојде во Бетанија, каде што и ноќеваше.
Проколнување на неплодната смоква: Со вера с
е е можно (Мк. 11:12-14, 20-24) 18 Рано утредента, на враќањето во Ерусалим, Исус огладне. 19 Забележувајќи една смоква покрај патот, се доближи, но бидејќи на неа најде само лисје, ја проколна, велејќи: „Род да нема на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.
20 Вчудовидени од оваа глетка, учениците Го прашаа: „Како можеше смоквата наеднаш да се исуши?“ 21 А Исус им одговори: „Ве уверувам дека, доколку имате вера и не се сомневате, не само што ќе можете да го правите тоа што и се случи на смоквата, туку, ако и на оваа планина и речете: ,Подигни се и фрли се в море!‘ - тоа ќе се случи! 22 Ако верувате, ќе добиете се што ќе побарате преку молитва.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest