New Testament in a Year
За воскресението на мртвите
(Мк. 12:18-27; Лк. 20:27-40) 23 Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи[a], кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака: 24 „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. 25 Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат. 26 Но истото се случи и со вториот и со третиот, се до седмиот. 27 Најпосле умре и жената. 28 Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“
29 „Вие сте во заблуда“ - им рече Исус - „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила! 30 Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото. 31 А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог:
32 ,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков[b]!‘
Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“
33 Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен.
Која е најважната заповед?
(Мк. 12:28-34; Лк. 10:25-28) 34 Кога фарисеите[c] разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно, 35 и еден од нив, кој беше вероучител[d], сакајќи да Му постави стапица, Го праша: 36 „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“
37 Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“. 38 Тоа е првата и наедно најважната заповед. 39 А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ 40 Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди[e].
Прашање за идентитетот на Месијата
(Мк. 12:35-37; Лк. 20:41-44) 41 Кога се насобраа поголем број фарисеи, Исус ги запраша: 42 „Што мислите, чиј потомок е Месијата[f]?“ Тие Му одговорија: „Давидов!“ 43 А Исус им рече: „Како тогаш Давид, поттикнат од Божјиот Дух, го нарече Месијата ,Господ‘, кога рече:
44 ,Му рече Јахве[g] на Мојот Господ:
седни од Мојата десна страна,
додека не ги соборам Твоите непријатели
под нозете Твои[h]!‘
45 Значи, ако Давид го нарече Месијата ,Господ‘, како може, тогаш, Тој да му биде потомок?“ 46 На ова никој не можеше да Му одговори ни збор на Исус и од тој ден никој повеќе не се осмелуваше да Му поставува прашања.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest