New Testament in a Year
Воспоставување на Господовата Вечера (Причест)
(Мк. 14:22-26; Лк. 22:14-23; 1. Кор. 11:23-25) 26 Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. 27 Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; 28 ова ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас - крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. 29 Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, се до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ 30 Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора.
Петар се заветува на верност
(Мк. 14:27-31; Лк. 22:31-34; Јвн. 13:36-38) 31 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо:
,Ќе удрам по Пастирот,
и овците ќе се разбегаат[a]!‘
32 Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“
33 Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“ 34 Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“ 35 Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици.
Исусовата молитва во Гетсеманија
(Мк. 14:32-42; Лк. 22:39-46) 36 Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани[b]. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ 37 Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, 38 Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ 39 Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам[c] на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“
40 Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? 41 Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“
42 Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“
43 Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. 44 Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва. 45 Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. 46 Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“
Апсењето на Исус
(Мк. 14:43-50; Лк. 22: 47-53; Јвн. 18:3-12) 47 Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини. 48 Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак.
49 Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна. 50 Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе[d]?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest