New Testament in a Year
51 Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. 52 Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине! 53 Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии[a] од ангели да не заштитат? 54 Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“
55 Потоа Исус и се обрати на толпата: „Што сте излегле против Мене со мечеви и стапови, како да Сум разбојник!? Зошто не Ме уапсивте во храмот каде што секојдневно седев и поучував?. 56 Но, сето ова се случува вака за да се исполнат запишаните претскажувања на пророците.“
Тогаш сите Негови ученици Го оставија и се разбегаа.
Исус пред Врховниот совет
(Мк. 14:53-65; Лк. 22:54-55; 63-71; Јвн. 18:13-14; 19-24) 57 Оние што Го уапсија Исуса, Го одведоа кај Првосвештеникот Кајафа. Кај него се беа собрале вероучителите[b] и старешините. 58 А Петар оддалеку Го следеше, се до дворот на Првосвештеникот. Потоа влезе внатре и седна со чуварите, за да види како ќе заврши сето ова.
59 Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет[c] сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа лажни сведоци против Него, 60 но не најдоа, иако мнозина пристапуваа со бројни лажни обвиненија. 61 Најпосле, пристапија двајца и рекоа: „Овој човек тврдеше дека може да го разурне Божјиот храм и за три дена повторно да го подигне!“
62 Тогаш Првосвештеникот стана и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш против овие обвинувања?“ 63 Исус молчеше. Првосвештеникот повторно Му се обрати: „Те заколнувам пред живиот Бог да ни кажеш, дали си Ти Месијата - Божјиот Син?“
64 Исус му одговори: „Самиот кажа! Но на сите вас ви велам:
,Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки,
како седам на почесната, десна страна на Семоќниот,
и како доаѓам на небесните облаци.[d]‘“
65 На ова, Првосвештеникот си ја расцепи облеката во знак на грозење и рече: „Ова е богохулство! Зар ни се потребни други сведоци? Сега го чувме Неговото богохулство! 66 Какво е вашето мислење?“ Тие одговорија: „Заслужува смртна казна!“ 67 Тогаш едни почнаа да Му плукаат в лице и да Го удираат со тупаници, а други Му удираа шлаканици и 68 Му велеа: „Месијо, погоди кој те удри!?“
Петар се откажува од Исус
(Мк. 14:66-72; Лк. 56-62; Јвн. 18:15-18; 25-27) 69 За тоа време Петар седеше надвор, во дворот. Една слугинка му пријде и му рече: „И ти беше со Галилеецот Исус!“ 70 Но тој пред сите одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“
71 Кога Петар се упати кон вратата, го виде уште една слугинка и им рече на оние што седеа таму: „И овој човек беше со Исус од Назарет!“ 72 Петар повторно одрече и дури се заколна, изјавувајќи: „Не го познавам тој човек!“
73 Малку подоцна, некои од оние што стоеја таму се доближија до Петар и му рекоа: „Навистина, и ти си еден од нив! И говорот[e] твој те издава!“ 74 Но Петар почна да се колне и да ги уверува: „Јас не го познавам тој човек!“
Во тој момент запеа петел. 75 Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови: „Уште пред петлите да запеат, ти трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник.“ Потоа излезе надвор и горко заплака.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest