New Testament in a Year
Расправија околу обичаите и традициите
(Мт. 15:1-9) 7 Околу Исус се насобраа неколку фарисеи и вероучители[a], дојдени од Ерусалим. 2 Тие забележаа дека Исусовите ученици не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење. 3 Имено, фарисеите, па и сите Евреи, држејќи се до преданијата од своите предци, не седнуваат да јадат додека ритуално не си ги измијат рацете до лактите; 4 кога се враќаат од пазар, не јадат додека ритуално не се измијат, а се држат и до многу други преданија, како што се ритуалното миење чаши, стомни и други садови.
5 Затоа, фарисеите и вероучителите Го прашаа Исуса: „Зошто Твоите следбеници не постапуваат според преданијата од старите и седнуваат да јадат без ритуално да си ги измијат рацете?“
6 Исус им одговори: „Лицемери! Убаво рекол за вас Бог, преку пророкот Исаија:
,Овој народ Ме почитува со устата,
но срцето му е далеку од Мене!
7 Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност
ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди[b]!‘
8 Вие ги оставивте Божјите заповеди, а ги чувате човечките преданија! 9 Лукаво ги укинувате Божјите заповеди за да ги чувате своите преданија!
10 Зар Мојсеј не ви заповеда да ги исполнувате обврските спрема своите родители, и со смрт да го казните[c] оној што ќе ги проколне мајка си или татко си? 11 А вие ги учите луѓето дека е доволно да го ветат својот имот на црквата, како подарок[d] за Бог, 12 со што ќе се ослободат од обврската да се грижат за своите родители! 13 Значи, укинувате Божја заповед за да ги воведете своите преданија! И многу други вакви работи правите!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest