New Testament in a Year
Исус му е предаден на Пилат
(Мк. 15:1; Лк. 23:1-2; Јвн. 18:28-32) 27 На разденување, се состанаа сите свештенички поглавари и народни старешини и решија да побараат од римските власти Исус да биде погубен. 2 Го врзаа и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат.
Самоубиството на Јуда
(Дела 1:18-19) 3 Кога предавникот Јуда разбра дека Исус е осуден на смрт, кај него се јави грижа на совеста, па им ги врати триесетте сребреници на свештеничките поглавари и на старешините, изјавувајќи: 4 „Згрешив, бидејќи предадов невин човек!“ Но тие му одговорија: „Што имаме ние со тоа? Тоа си е твоја работа!“
5 Тогаш Јуда ги фрли сребрениците во храмот, си замина оттаму и се обеси. 6 Свештеничките поглавари ги собраа парите и рекоа: „Овие пари беа дадени за да се погуби човек; затоа не смеат да се стават во црковната каса!“ 7 Одржаа состанок на кој решија да се купи ,грнчаревата нива[a]‘ и да се користи како гробишта за туѓинци. 8 Поради ова, таа нива до денес се вика ,Крвна нива‘. 9 На тој начин се исполнија зборовите на пророкот Еремија:
„Ги зедоа триесетте сребреници,
цена што за Непроценливиот ја определија Израелците.
10 Ги платија за нивата на грнчарот,
како што Господ ми објави[b].“
Пилат Го сослушува Исуса
(Мк. 15:2-5; Лк. 23:3-5; Јвн. 18:33-38) 11 Исус беше доведен пред римскиот гувернер Пилат, кој Го запраша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ 12 А кога свештеничките поглавари и старешините почнаа да ги изнесуваат своите обвинувања против Него, Исус молчеше. 13 Тогаш Пилат Му рече: „Зар не ги слушаш овие тешки обвиненија против Тебе?“ 14 Но Исус воопшто не му одговараше, на што гувернерот многу се чудеше.
15 А на секој празник, гувернерот пушташе од затвор по еден затвореник, по избор на народот. 16 Во тоа време в затвор беше еден озлогласен разбојник, по име Бараба[c]. 17 Пилат го запраша насобраниот народ: „Кого сакате да ви го ослободам: (Исус) Бараба или Исус, наречен ,Месијата‘?“ 18 Пилат знаеше дека еврејските водачи му Го предадоа Исуса од завист.
19 Додека Пилат го водеше судењето, му ја донесоа следната порака од неговата сопруга: „Не учествувај во осудувањето на Тој праведен човек, зашто ноќва имав морничави соништа поради Него!“
20 Но свештеничките поглавари и народните старешини го наговорија народот да бара ослободување за Бараба, а погубување за Исус. 21 Гувернерот повторно го праша насобраниот народ: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ А тие извикаа: „Бараба!“ 22 Тогаш Пилат ги праша: „А што да правам со Исус, наречен ,Месијата‘?“ Тие на сиот глас викаа: „Распни Го на крст!“ 23 „Какво злосторство извршил?“ - ги праша Пилат. Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“
24 Пилат виде дека ништо не може да постигне и дека викањето станува се погласно, па зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“
25 „Ние и нашите деца ја преземаме одговорноста за Неговата смрт!“ - викаше целиот насобран народ.
26 Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest