New Testament in a Year
19 Пресудата гласи: „Светлината дојде на светот, но луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината, затоа што постапките им беа зли. 20 Секој што врши зло ја мрази Светлината и не доаѓа кај неа, за да не се разоткријат неговите гревови. 21 Оној, пак, кој живее според вистината, доаѓа кај Светлината за да се види дека неговите постапки се направени во послушност спрема Бог.“
22 По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. 23 Јован исто така крштаваше во Енон[a], близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. 24 Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор.
25 Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. 26 Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“
27 Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото[b]. 28 Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. 29 Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. 30 Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“
Дојдениот од небото
31 Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото. 32 Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво. 33 Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит. 34 Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера. 35 Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце. 36 Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен[c] на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest