New Testament in a Year
30 (Исус се уште не беше влегол во селото, туку беше на местото каде што Марта Го пресретна.) 31 Кога Евреите што беа со неа во куќата за да ја утешуваат видоа како Марија бргу стана и замина, тргнаа по неа. Претпоставуваа дека таа оди на гробот на својот брат Лазар за да плаче.
32 Кога Марија дојде до местото каде што беше Исус и кога Го виде, клекна пред Неговите нозе и Му рече: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!“
33 Кога виде Исус како плачат Марија и Евреите што беа со неа длабоко се натажи и се потресе. 34 „Каде го погребавте?“ - запраша Тој. „Господе“, - Му рекоа тие - „дојди да видиш.“
35 Исус заплака.
36 Тогаш присутните Евреи говореа: „Види колку го сакал својот пријател Лазар!“
37 Некои, пак, од нив рекоа: „Зарем Овој Човек што му ги отвори очите на слепиот не можеше[a] да ја спречи смртта на Лазар!?“
Оживувањето на Лазар
38 Пак длабоко трогнат, Исус дојде до гробот. Тоа беше една пештера[b] чиј влез беше затворен со камен. 39 „Тргнете го каменот!“ - рече Исус. „Господе“, - Му рече Марта, сестрата на умрениот - „четири дена поминаа откако брат ми умре и телото веќе смрди!“
40 Исус и одговори: „Нели ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава!?“
41 Тогаш луѓето го тргнаа каменот. Исус го подигна погледот кон небото и рече: „Татко, Ти благодарам што Ми ја услиши молитвата. 42 Јас знам дека Ти секогаш Ми одговараш на молитвите, но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат дека Јас сум Твој пратеник.“
43 Кога Исус ја заврши молитвата, извика: „Лазаре, излези надвор!“ 44 Умрениот излезе, завиткан[c] со повои околу нозете и рацете, а околу лицето му беше замотана шамија. „Одврзете го и пуштете го да оди!“ - им рече Исус.
Завера против Исус
(Матеј 26:1-5; Марко 14:1-2; Лука 22:1-2) 45 Тогаш мнозина од Евреите, кои беа дојдени кај Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него. 46 Но некои од нив отидоа кај фарисеите и им кажаа што направи Исус. 47 Тогаш свештеничките поглавари и фарисеите го свикаа Синедрионот[d] и почнаа да се советуваат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! 48 Ако го оставиме да продолжи вака сите ќе поверуваат во Него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги уништат и храмот и нацијата[e]!“
49 Тогаш еден од нив, по име Кајафа, кој таа година беше Првосвештеник, им рече: „Вие ништо не разбирате! 50 Не сфаќате ли дека е подобро еден човек да умре за народот, отколку целата нација да ни биде уништена!?“
51 Ова тој не го кажа од себе, туку, бидејќи таа година беше Првосвештеник, тој прорече дека Исус мора да умре за еврејскиот народ. 52 И не само за тој народ, туку и за да ги собере и обедини во едно сите распрснати Божји чеда. 53 Од тој ден, еврејските верски водачи решија да Го убијат Исуса.
54 Поради тоа, Исус повеќе не можеше слободно да патува по Јудеја. Тој оттаму замина кон пределот близу до пустината. Влезе во едно гратче по име Ефраим и таму остана со Своите ученици.
55 Наближуваше еврејскиот празник Пасха. Голем број луѓе од внатрешноста се искачија[f] во Ерусалим пред Пасха, за да го извршат церемонијалното исчистување. 56 Тие го бараа Исуса и собрани во храмот си зборуваа меѓу себе: „Што мислите, дали Тој ќе се осмели да дојде на празникот?“ 57 Свештеничките поглавари и фарисеите издадоа заповед, ако некој дознае каде е Исус - веднаш да им јави, за да Го уапсат.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest