Book of Common Prayer
3 Можеби ова ви звучи како самите да се препорачуваме? Дали нам ни се потребни, како што им се потребни на некои, писмени препораки за да проповедаме кај вас, или пак препораки од вас? 2 Вие сте нашата препорака, запишана во нашите[a] срца, која сите луѓе можат да ја видат и прочитаат. 3 Очигледно е дека вие сте препораката што ја имаме, која преку нашиот труд е напишана од Христос, не со мастило, туку со Духот на Живиот Бог; не врз камени плочи, туку врз човечки срца.
4 Уверени сме во ова затоа што, преку Христос, имаме доверба во Бог. 5 Нема ништо во нас што би ни дало за право да тврдиме дека сме способни да направиме нешто од трајна вредност. Нашата способност доаѓа од Бог. 6 Тој не оспособи да го претставуваме Неговиот Нов завет. Тоа не е Завет од пишани закони, туку од Светиот Дух. Стариот начин, преку пишаниот закон, води кон смрт, а новиот начин, преку Светиот Дух, дава живот.
Величественоста на Новиот завет
7 Мојсеевиот Закон беше врежан само на камени плочи, па сепак беше даден со таков блесок што луѓето не можеа да гледаат во лицето на Мојсеј, иако сјајот што тој го имаше полека бледнееше. Ако тој Закон што води во смрт беше даден на така величествен начин, 8 колку повеличествено ќе биде дејствувањето на Светиот Дух!? 9 Ако Стариот завет што доведе до осуда на сите луѓе беше толку величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде Новиот завет што ни овозможува да се стекнеме со праведност пред Бог! 10 Токму поради тоа што новото е далеку повеличествено, старото го загуби својот сјај! 11 Ако Стариот завет, кој веќе е надминат, беше величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде Новиот завет, чија слава ќе трае вечно!?
12 Токму поради тоа што имаме таква прекрасна надеж, можеме толку смело да настапуваме. 13 Ние не сме како Мојсеј, кој ставаше превез врз лицето, за да не забележат луѓето дека сјајот на неговото лице бледнее и исчезнува. 14 Но умовите им закоравеа, па и ден-денес, кога го читаат Стариот завет, превез им ги покрива умовите и тие не можат да ја согледаат вистината. Тој превез се отстранува само кога човек ќе поверува во Христос. 15 Да, дури и денес, кога ги читаат Мојсеевите книги, превез им ги покрива срцата и тие не разбираат.
16 Но кога човек ќе се сврти кон Господ, превезот се отстранува. 17 Господ е во единство со Духот и каде што е присутен Господовиот Дух, Тој донесува слобода. 18 Сите ние, пред чии лица нема превез, сме одраз на славата Господова, како во огледало. Со помош на Господовиот Дух доживуваме преобразба и стануваме се послични на нашиот славен Господ.
Снаодливиот настојник
16 На Своите ученици, Исус им ја раскажа и следнава приказна: „Еден богат човек имаше свој куќен настојник за кој слушал гласови дека му го растура имотот. 2 Го повика кај себе и му рече: ,Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси ми завршен извештај за управувањето со мојот имот, зашто повеќе не си мој настојник!‘ 3 Тогаш настојникот си рече: ,Господарот ќе ме отпушти од работа; што да правам? Да копам не можам, а се срамам да просам. 4 Сега знам што треба да сторам, за да си стекнам пријатели кои ќе ме примаат во своите домови, кога ќе бидам отпуштен од работа.‘
5 Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘ 6 ,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот. 7 Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘
8 И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“
9 Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest