Book of Common Prayer
Почитување на државната власт
13 Почитувајте ја државната власт. Секоја власт произлегува од Бога, па и државната власт е воспоставена од Бог. 2 Оној што се противи на институцијата државна власт, се противи на уредба воспоставена од Бог и ќе биде казнет. 3 Органите на власта не се закана за добрите, туку за лошите луѓе. За да не се плашите од властите, правете добро и тие ќе ве пофалат. 4 Власта е во служба на Бог и нејзина должност е да работи за твое добро. Ако правиш зло - има причина да се плашиш, зашто ќе бидеш казнет! Власта е во служба на Бог и остро ги казнува оние што прават зло. 5 Затоа, треба да ја почитуваш државната власт, не само за да не бидеш казнет, туку и да имаш чиста совест.
6 Затоа треба да плаќате и даноци. Извршителите на власта се во служба на Бог и треба да бидат платени за она што го работат. 7 Затоа, давајте им го она што им припаѓа. Плаќајте ги даноците и царините, имајте страхопочит спрема властите, укажувајќи им чест кога заслужуваат.
Љубовта е јатка на целиот Божји Закон
8 Немојте никому да му бидете должници. Единствената постојана должност нека ви биде да се сакате еден со друг[a], зашто оној што ги сака другите луѓе, го исполнува Божјиот Закон. 9 Заповедите: „Не врши прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај[b]!“, и сите други заповеди се содржани во заповедта: „Сакај ги другите луѓе како што се сакаш себеси[c]!“
10 Ако некого сакаш, нема да му нанесуваш зло. Затоа, ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Божјиот Закон.
Спасението наближува - Повик на свет живот
11 Имајте на ум дека времето истекува. Разбудете се! Нашето спасение е сега поблизу, отколку во моментот кога поверувавме! 12 Ноќта е при крај, се ближи денот на нашето спасение! Да престанеме да правиме зло, зашто тоа и припаѓа на темнината. Да живееме свето, како луѓе облечени за светлина. 13 Да се однесуваме примерно, како да сме изложени на светлина. Не учествувајте во оргии и пијанки, во блуд и разврат, во кавги и завист. 14 Загрнете се со Господ Исус Христос и не размислувајте како да им угодите на грешните телесни желби.
Свеќа под капак
(Марко 4:21-25) 16 „Никој не пали свеќа за да ја стави под капак или под кревет, туку ја клава на свеќник, пред вратата, за да им свети на оние што влегуваат во куќата. 17 Зашто, сe она што се крие ќе излезе на виделина, секоја тајна ќе се дознае и ќе излезе пред јавноста. 18 Значи, посветете му внимание на ова што го слушате, зашто, на оној што има нешто, ќе му се додаде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има!“
Кое Му е вистинско семејство на Исус?
(Матеј 12:46-50; Марко 3:31-35) 19 Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него. 20 Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“ 21 А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“
Исус смирува бура
(Матеј 8:23-27; Марко 4:35-41) 22 Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија. 23 Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени. 24 Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина. 25 Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest