Book of Common Prayer
Обѕир спрема послабите христијани
14 Прифатете ги оние христијани кои имаат послаба вера, без да ги осудувате за тоа што по одредени прашања имаат поинакво мислење од вас. 2 На пример, некој верува дека смее да јаде се. Друг, пак, затоа што има послаба вера, смета дека смее да јаде само растителна храна. 3 Оној што јаде се не треба да го презира оној што не јаде се и обратно. Бог ги прифаќа и едните и другите. 4 Со кое право осудуваш туѓ слуга!? Единствено неговиот Господар има право да го прифати или да го отфрли. Не грижете се, Господ ќе ги зачува од сериозни грешки. Тој е способен да ги одржи на здрави нозе.
5 Исто така некои христијани сметаат дека некој ден во неделата е поважен од другите, а други ги сметаат сите денови за еднакви. Секој нека си остане на своето уверување. 6 Оние што на одреден ден му даваат поголемо значење од другите денови во неделата, го прават тоа од почит спрема Господ. Исто така и оние што јадат секаков вид храна, го прават тоа од почит спрема Господ, бидејќи пред да почнат да јадат, Му се заблагодаруваат на Бог. Но и оние што прават разлика меѓу храна што смее да се јаде и храна што не смее да се јаде, го прават тоа од почит спрема Господ и на тој начин сакаат да Му искажат благодарност. 7 Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. 8 Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. 9 Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите.
10 Тогаш, зошто ги критикувате другите христијани? Зошто дури и ги презирате? Не заборавајте дека секој од нас ќе застане пред Божјиот судски престол! 11 Во Светото Писмо, Господ вели:
„Во Себе се колнам, бидејќи Сум вечно жив,
дека секое колено пред Мене ќе клекне,
секој јазик на Бог ќе Му се исповеда[a]!“
12 Значи, секој од нас, лично за себе ќе полага сметка пред Бог.
Исцелување на бесниот од Гадара
(Матеј 8:28-34; Марко 5:1-20) 26 Исус и Неговите ученици пристигнаа во пределите на Гадара[a], спроти Галилеја. 27 Кога Исус излегуваше на копното, Му пријде еден човек обземен со демонски духови, кој веќе подолго време одеше гол и не живееше дома, туку во гробните пештери. 28 Забележувајќи Го Исуса, вресна, Му се фрли пред нозете и извика: „Што сакаш да ми сториш, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам не казнувај ме!“ 29 Тоа го рече затоа што Исус му беше заповедал на демонскиот дух да излезе од човекот, кого веќе одамна го беше запоседнал. Иако го држеа како затвореник и го врзуваа со вериги, тој ги кинеше веригите и, гонет од демонскиот дух, бегаше во пустината. 30 Исус го праша како се вика, на што тој одговори: „Легион“, зашто во него имаше цела легија демони. 31 Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната[b]. 32 А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи. 33 Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија.
34 Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината. 35 Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија. 36 А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек. 37 Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина. 38 А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи; 39 но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest