Book of Common Prayer
Исус е вистинскиот Првосвештеник
7 Мелхиседек беше цар на градот Шалем, а и свештеник на Севишниот Бог. Кога Авраам се враќаше од битката во која порази многу цареви, тој му излезе во пресрет и го благослови. 2 Тогаш Авраам зеде една десетина од се што заплени во битката и му го даде на Мелхиседек. Името Мелхиседек значи „Цар на правдата“. Но бидејќи „шалем“ значи „мир“, тој е значи и „Цар на мирот“. 3 Нам не ни е кажано дека тој имал татко, мајка или родословје, ниту почеток или крај на неговиот живот. По тоа е сличен на Божјиот Син и засекогаш останува свештеник.
4 Гледате колку бил голем Мелхиседек! Дури и нашиот славен предок Авраам му даде една десетина од највредното што го беше запленил во битката. 5 На свештениците, потомците на Левиј, им е заповедано во Мојсеевиот Закон да собираат десеток од народот, иако тие им се роднини, односно, потомци од Авраам. 6 Мелхиседек не беше потомок на Левиј, па сепак зеде десеток од Авраам. Потоа Мелхиседек го благослови Авраама, на кого веќе му беше дадено Божјото ветување. 7 А нема никакво сомневање дека оној што благословува е поголем од оној што го прима благословот.
8 Во случајот со свештениците, десетокот им се дава на смртници, а Мелхиседек е поголем од нив бидејќи ни е пренесено дека тој е вечно жив. 9 Иако сега потомците на Левиј се тие што земаат десеток, може да се каже дека и тие му платија десеток на Мелхиседек, преку својот предок Авраам, 10 бидејќи Левиј, иако уште не беше роден, може да се рече дека беше во телото на Авраам при неговата средба со Мелхиседек.
Стариот начин на богослужба е заменет со нов
11 Законот што му беше даден на израелскиот[a] народ се потпираше врз Левитското свештенство. Но да можеа потомците на Левиј да ја исполнат Божјата совршена намера, немаше да има потреба Бог да праќа друг Свештеник од редот на Мелхиседек, а не од родот на Арон. 12 А штом се менува свештенството, се појавува потреба да се промени и законот. 13 Ова се однесува на нашиот Господ Исус Христос. Тој произлезе од племе од кое никој никогаш не бил свештеник на жртвеникот. 14 Познато е дека нашиот Господ произлезе од племето на Јуда, а Мојсеј никогаш не го спомнал тоа племе во врска со свештенството.
Христос е вечниот Првосвештеник во наша полза
15 Да го кажеме ова уште појасно: се појави друг Свештеник, Кој е како Мелхиседек. 16 Тој стана Свештеник, не затоа што му беше потомок на Левиј, како што бараше стариот Закон, туку преку силата на животот во Него што не може да се уништи. 17 Светото Писмо за Него вели:
„Ти си вечен Свештеник, од редот на Мелхиседек“
Враќањето на Исусовите ученици
17 Седумдесеттемина[a] се вратија радосни, велејќи: „Господе, преку Твоето име нам ни се покоруваат и демонските духови!“ 18 А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото! 19 Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди. 20 Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“
Радоста на Исус
(Матеј 11:25-27; 13:16-17) 21 Во тој миг Исус се исполни со радост, преку Светиот Дух[b], и рече: „Ти благодарам, небесен Татко, Господару на небото и на Земјата, што сето ова им го откри на скромните, а го скри од оние што мудруваат и се потпираат на својот разум. Да, Татко, така сакаше Ти.
22 Мојот небесен Татко Ме има овластено Мене за сe. Никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и никој не знае Кој е Таткото, освен Синот и оние на кои Синот ќе реши да им открие.“ 23 Потоа насамо им рече на учениците: „Благословени се очите што го гледаат ова што го гледате вие! 24 Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest