Book of Common Prayer
Индивидуална одговорност: Христовиот суд
10 Користејќи ја дарбата што Бог милостиво ми ја даде, јас, како и секој мудар ѕидар, најпрво го поставив темелот, а други по мене ќе градат врз него. Но секој мора да внимава како ќе гради! 11 Никој не смее да поставува друг темел, зашто тој е веќе поставен, а тоа е Исус Христос! 12 Врз тој темел, некој ќе ѕида со злато, со сребро или со скапоцени камења, а друг со дрво, со сено или со слама. 13 Но ќе дојде ден, кога сечие дело ќе излезе на видело! Секое дело, на секој христијанин, ќе биде проверено низ оган, за да му се утврди вистинската вредност. 14 Ако делото издржи, градителот ќе добие награда; 15 ако, пак, делото изгори, градителот ќе се соочи со голема загуба. Ќе се спаси, но како некој што поминал преку оган!
16 Зар не сфаќате дека вие сте Божјиот храм и дека Божјиот Дух живее во[a] вас? 17 Ако некој го урива Божјиот храм, Бог него ќе го разурне, бидејќи Божјиот храм е свет. Тој храм сте вие, христијаните.
18 Никој нека не се залажува! Ако некој од вас се смета за мудар според мерилата на овој свет, треба да се ослободи од таквата самоувереност[b], за да може да стане мудар според Божјите мерила. 19 Зашто мудроста на овој свет е рамна на лудост пред Бог! Во Светото Писмо пишува:
„Бог ги лови самоуверените мудреци
во стапицата на нивното сопствено лукавство[c]!“
20 И на друго место:
„Господ им ги знае плановите на мудрите,
знае дека во нив нема вредност[d]!“
21 Затоа, никој да не се фали со човек! Вам ви припаѓа се: 22 и Павле, и Аполос и Петар[e], и целиот свет; и животот и смртта, и сегашноста и иднината - се ви припаѓа вам, 23 а вие Му припаѓате на Христос, а Христос Му припаѓа на Бог.
Исус третпат ја претскажува Својата смрт
(Матеј 20:17-19; Марко 10:32-34) 31 Потоа Исус ги поведе со Себе дванаесеттемина Свои ученици и им рече: „Слушајте! Сега ќе влеземе во Ерусалим, каде што за Синот Човечки[a] ќе се исполни сe што претскажале пророците. 32 Тој ќе им биде предаден на Римјаните кои ќе Го исмеваат, ќе Го навредуваат и ќе Го плукаат, 33 ќе го камшикуваат и ќе Го погубат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.“ 34 Меѓутоа, учениците не разбраа ништо од ова; овие зборови им звучеа таинствено и им остана нејасно, што сакаше Исус да им каже.
35 Кога Исус се доближи до градот Јерихо, крај патот седеше еден слеп човек и просеше. 36 Кога слепиот слушна дека крај него минува толпа народ, запраша: „Што се случува?“ 37 Тие му одговорија: „Минува Исус од Назарет!“ 38 Тогаш слепиот повика: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“ 39 Минувачите го замолкнуваа, но тој викаше уште погласно: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“ 40 Исус запре и заповеда да Му го донесат слепиот. Кога се доближи, Исус го праша: 41 „Што сакаш да сторам за тебе?“ Тој одговори: „Да прогледам, Господе!“
42 Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те исцели!“ 43 Во истиот миг, човекот прогледа и Му се придружи на Исус, славејќи Го Бога, а и сиот народ, кога го виде ова, Му оддаваше слава на Бог.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest